Истражување: Лошиот квалитет на живот останува главен мотив за младите да си заминат

„Младите не си одат само поради ниски плати и немање работа, си одат зашто сакаат слобода, сакаат различност, не сакаат да бидат осудени или етикетирани од население кое ништо не прави, дреме пред ТВ и сонува државна работа. Нам младите ни треба слобода, ни треба забава, ни требаат менаџери кои знаат да работат со млади, ни требаат убаво уредени работни простори, ни треба добро образование каде што не мора да го чекате асистентот 4 часа за да ви стави плус во тетратката, каде што не мора да платите 50 евра или да купите книга од професорот што ви предава за да добиете некаква оценка. Си одиме и поради стереотипи, утупавеност, нема перспектива тука…“

Вака гласи порака упатена од млад човек кој размислува да ја напушти Македонија.

Младинската мобилност треба да биде сфатена сериозно, бидејќи дури 76.7% од младите размислуваат да се иселат, пред сè во земјите членки на ЕУ (58%). Клучната причина што ги поттикнува младите да размислуваат за иселување е лошиот квалитет на живот, покажува последното истражување на Центар за истражување и креирање политики.

Иако во голема мера тоа се поврзува со материјалните услови како невработеноста, несоодветната или недоволно платената работа и лошите работни услови, сепак општествената атмосфера на политичка и економска несигурност има значајна улога, исто како и перцепцијата за лош образовен систем и постоење на дискриминација, се наведува во истражувањето.

„Да не се вработува партиски, да се вработува според квалитет. Да се затворат сите факултети кои служат за шечатница на дипломи. Да се направи кампања дека не е подобро да се живее во странство и да се работи градежништво отколку дома. Да се среди воздухот во државата бидејќи е еден од клучните проблеми за квалитетот на живот“, гласи друга порака на испитаник во анкетата.

Истражувањето се заснова на анкета на млади лица на возраст од 15-29 години и интервјуа со претставници на институциите задолжени за креирање и спроведување на јавни политики, како и претставници на репрезентативни граѓански организации.

Според наодите од истражувањето, во Република Македонија не постои стратешки документ кој управува со младинската мобилност, цели кон намалување на иселувањето на млади лица од земјата и кон привлекување на иселените млади назад во земјата. 90 % од испитаниците сметаат дека постојните политики за задржување на младите во државата се неефикасни.

„Младите се чувствуваат исклучени. Истражувањето покажува дека дури 91.6% од младите сметаат дека нивниот глас не е доволно застапен во процесите на одлучување во државата. Дополнително, тие се чувствуваат непотребни или непродуктивни членови нa општеството. 87.3% сметаат дека државата не го користи потенцијалот на младите, додека 84% дека државата не обезбедува можности за развој“, стои во истражувањето.

Иако постојат формални механизми за вклучување на младите во одлучувачките процеси, како на пример локалните младински совети, или ад-хок консултативни процеси при изработка на стратешки документи, истражувањето покажува дека тие не допираат до најголем дел од младите лица.

„Во Македонија постои една многу голема заблуда помеѓу постарите дека младите си одат поради недостаток или лошо платени работни позиции. Вистина е дека Македонија не нуди доволно предизвикувачки позиции во различни сфери, но проблемот е многу поголем од тоа. Младите немаат никакво влијание во процесот на донесување политики, воопшто не се инвестира во нив, не го користи нивниот капацитет, ги маргинализира, малограѓанство владее на сите страни, заостанати вредности, партизација и политизација на секој сегмент од општеството, образовниот систем од година во година е полош, никаква инфраструктура, никакво здравство, никакви можности за започнување на сопствен бизнис, врски, корупција. Едноставно нема основни услови за живот и колку и добро платена работа да имаш пак ќе си ја возиш скапата кола по искршени улици“, вели друго анкетирано младо лице.

Истражувањето покажува дека 43.6% од младите биле корисници на некоја од европските програми Европска интеграција и младинска мобилност. Од Центарот посочуваат дека програмите кои произлегуваат од европската интеграција не ја формираат желбата ниту се причина за иселување, иако го овозможуваат полесниот пат за заминување од земјата.

Препораки за институциите

Обезбедување на релевантни статистички податоци за младото население кое живее во Република Македонија и младите лица кои привремено или постојано престојуваат во странство, по разни основи. Потоа, реосмислување на младинските политики со ставање на младите лица во улога на главни чинители при дефинирањето на мерките и инструментите што ќе се користат, како и обезбедување на нивно постојано учество во сите фази на циклусот на јавни политики. Но, и отворање јавна дебата за Законот за млади која би го поставила одливот на млад кадар како суштински и структурен проблем – се дел од пораките кои ги предлага истражувањето.

Покрај ова, се укажува и на зајакнување на улогата на Агенцијата за млади и спорт како институција која има централна улога во младинските политики. Предлага обезбедување соодветен буџет за спроведување на мерките планирани во Националната стратегија за млади 2016-2025. Во истражувањето се посочува и потребата од суштинска реформа на сите нивоа во образовниот систем, но и воведување на рано кариерно советување во основните училишта кое доследно и професионално ќе се спроведува од стручни лица.

Емилија Петреска