Затвореноста на институциите е еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваат новинарите од земјава. Посебен проблем е добивањето официјални информации од државните институции. Новинарските обиди за контакт со одредени функционери и институции најчесто завршуваат со употребата на Законот за пристап до информации од јавен карактер. Примената на овој Закон и обврската на институциите да дадат одговор не е секогаш испочитувана, објави Мета.
Истражувачка видео сторија во 3 продолженија за мерката притвор и за проблемите со кои се соочуваат на новинарите при барањата официјални информации од институциите на државата.
Проблемите на новинарите беа тестирани преку „студија на случај“.
Прв дел: Правосудниот систем е најзатворен за новинарите
Правосудниот систем е еден од сегментите кој важи за „најзатворен“. Сите обиди за остварување на директен контакт со обвинител или судија кој би говорел пред камера и подетално би информирал за примената на мерката притвор завршија со препраќање на одделот за односи со јавноост. До нив беа испратени барања за податоци согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер. За темата, беа консултирани поранешни судии и обвинители; и автори на Прирачникот за примена на мерката притвор. Колегите новинари говореа за своите проблеми.
Втор дел: Различен третман на СЈО и на другите обвинителства
Експертите говореа за примената на мерката притвор, но и недвосмислено ги искажаа своите согледувања за различниот третман од страна на судовите кон Специјалното јавно обвинителство и кон другите обвинителства. Академијата на судии и јавни обвинители има издадено Прирачник за мерката притвор во кривична постапка и судска пракса од Европскиот суд за човекови права . Ние, по чекање од 10 седмици за еден документ со прашања, конечно добивме одговор со податоци. Колегите новинари беа прашани за: мерката притвор и за тоа како обезбедуваат официјални информации.
Трет дел: Податоците кај новинарите стигнаа по долго чекање
Собраните податоци за побарана мерка притвор во 2016та година од страна на обвинителствата со седиште во Скопје и за тоа што одлучил Основниот суд Скопје 1 можеби ќе бидат предмет на анализа за правните експерти во иднина, а ние оставаме гледачите на оваа сторија сами да извлечат заклучок. Препреките на новинарите и нивното надминување остануваат да се решат во иднина.
*Сторијата е изготвена во рамките на проектот „Истражувачкото новинарство – чувар на демократијата и човековит е права“ со финансиска поддршка од ЕУ и Британската амбасада во Скопје имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.