Истражување: Инспекторите повеќе ги штитат моќниците отколку јавниот интерес

Над четириест проценти од граѓаните сметаат дека инспекторите во својата работа зависат од градоначалниците. Речиси исто толку граѓани сметаат дека општинските инспектори не се професионални и ефикасни, како и дека наместо да ги штитат граѓаните и јавниот интерес, ги штитат интересите на политичките и бизнис моќници покажа истражувањето на јавното мислење за искуствата и перцепцијата на граѓаните за работата на општинските инспекциски служби, на НВО Инфоцентарот.

Жителите на Скопскиот регион, луѓето со високо образование и оние на возраст од 35 до 44 години, се најголеми застапници на тезата дека инспекторите се зависни од волјата на градоначалниците.

Многу малку граѓани (помалку од десет проценти) изјавиле дека тие или некој нивен близок пријавил проблем кај надлежниот општински инспектор. Речиси две третини од оние кои пријавиле проблем во општината се незадоволни од искуството и постапувањето на локалните инспектори.

Над четириест проценти од граѓаните (42%) сметаат дека инспекторите во својата работа зависат од волјата на градоначалниците. Жителите на Скопскиот регион (55%), луѓето со високо образование (51%) и оние на возраст од 35 до 44 години (48%), се најголеми застапници на тезата дека инспекторите се зависни од волјата на градоначалниците.

Речиси 4 од 10 граѓани (39%) сметаат дека локалните инспектори ги штитат интересите на политичките и бизнис моќници, а нешто помалу од една третина (31%) сметаат дека локалните инспектори се ефикасни и професионални во заштитата на граѓаните и на јавниот интерес.

 

Жителите на Скопскиот, а потоа на Полошкиот и на Југоисточниот регион најмногу посочувале на проблемите со кои се соочуваат. За 28,6% од испитаниците во Скопскиот регион, најголем проблем претставува управувањето со ѓубрето, шутот и воопшто јавната чистота. Бучавата и загадениот воздух се голем проблем за 18,5%, а за 15,7% од жителите на општините во Скопскиот регион голем проблем претставува и недоволниот број паркинзи.

Истражувањето на јавното мислење на НВО Инфоцентарот е спроведено преку телефонска CATI анкета, од Стелар Истражувања, во периодот од 12 до 18 мај 2020 година, на национален репрезентативен примерок од 1003 испитаници. Истражувањето е дел од проектот „Граѓански мониторинг врз инспекциските служби на локално ниво“, поддржан од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.