[Истражување] Гледањето тажни филмови ослободува од болка

Откритието на тимот научници од Универзитетот Оксфорд објаснува зошто луѓето се привлечени од филмови кои знаат да ги расплачат.

По серија експерименти тие утврдиле дека трагични филмови или друг вид драматични приказни, поттикнуваат телото да лачи ендорфин, хормон кој е природен аналгетик и помага во поврзувањето со луѓето околу себе. Ова истражување е објавено во Royal Society journal Open Science.

Професорот Робин Дунбар, кој го предводел тимот, вели дека човечката фасцинација со приказни е создадена во прастариот период, кога луѓето почнале да живеат заедно во ловечки заедници.

Уживањето во приказни е заштитен знак на човечката заедница, но до сега научниците не ја истражувале еволутивната основа за тоа.

„Приказните се широко проучени од хуманистичките научници како важна карактеристика на човечкото општество, заедничко за сите култури. Сепак причините зошто раскажувањето приказни е толку привлечна и функциите за тоа не беа детално истражувани од психолозите и биолозите“, објаснува Дунбар.

„Постојат добри општествени причини – фолклорот ни овозможува да пренесуваме мудрост или да се зацврстат вредностите на заедницата, поврзувајќи ги заедно. И, иако тоа е важно, не ја објаснува целосно нашата желба одново и одново да не привлекува“, додава.

Научниот тим од Оксфорд, составен од психолози и класицисти одлучија да тестираат дали драмите поттикнуваат лачење ендорфин, хемикалии кои во мозокот служат за намалување на болката.

Тие на едната група волонтери им го пуштиле филмот „Стјуарт: Живот наопаку“, драматична приказна за бездомник со проблематично детство. Втората група гледала документарци со неутрална содржина.

Научниците ги забележувале промените во толеранцијата на болка пред и по гледањето на филмовите за да го измерат лачењето на ендорфин преку тестот „wall-sit“ – односно колку долго волонтерите можат да стојат потпрени со грбот врз ѕид, свиткани во колената како да седат на стол.

„Оние кои имаа најголеми емотивни реакции имаа и најголемо зголемување во толеранцијата на болка и поголемо чувство на приврзаност со нивната група“, вели д-р Дунбар.

Тој смета дека склоноста кон емотивни приказни веројатно еволуирала во контекст на спојување со социјалните групи, бидејќи ефектот на ендорфин е забележан и при хумор, пеење и играње.

„Не сакаме да кажеме дека само еден единствен хемиски ефект е причина за драматичните приказни – постојат и многу други аспекти на човечката психологија кои имаат влијание, но веруваме дека е важна причина за нашето уживање во нив“, додава тој.

Истражувањето било необична соработка помеѓу професионалци од областите на науката и уметноста. Д-р Софи Данкан, проучувач на Шекспир, вели дека сакала да разбере како и зошто функционира раскажувањето приказни и значењето на фразата – „да се изгубиш во книгата“.

Студијата покажува дека „може да се предозирате од ендорфин низ фикција“, вели таа.

„Гледање на трагични драми е добро за вас и вашето здравје. Го подика ендорфинот кој е природен аналгетик на телото“, изјавила таа за ББЦ.