Околу 70 отсто од играчките на пазарот во Македонија се небезбедни, се продаваат на отворено, на пазарите, немаат соодветна декларација, ниту информација за нивниот хемиски, физички, безбедносен состав, соопштија од граѓанската организација „Новинари за човекови права“, кои спровеле истражување за состојбата со играчките на пазарот во Македонија.
Тестирањето играчки во Скопје и во Битола покажало дека најголем дел од нив немале соодветна декларација, а повеќе од половината имале знаци кои насочувале дека се токсични.
„Над 70 отсто од играчките се небезбедни и содржат ситни делови, а бучавата кај сите е речиси недозволена односно над 85 децибели. За безбедноста на играчките е задолжен Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а за увозот и нивната испорака се задолжени министерствата за здравство, животна средина и економија“, изјави Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“, пренесе МИА.
„Има 17 компании чија примарна дејност им е увоз на брендирани играчки, но само четири од нив увезуваат еколошки безбедни играчки кои се произведуваат во светот, односно станува збор за 20 признати бренда. Сите други останати играчки на македонскиот пазар се небрендирани“, посочи Доковска.
Целта на истражувањето била да се подигне свеста за безбедноста на играчките на пазарот и да се направи споредба со резултатите од истражувањето спроведено во 2013 година.
Доковска посочи дека во 2013 година на македонскиот пазар биле застапени 50 бренда, а сега 20, додавајќи дека граѓаните треба да се едуцираат за тоа што треба да содржат играчките, да внимаваат што купуваат и да ја следат Рапекс листата, алатката на ЕУ, на која секоја недела се објавуваат сите производи кои се забранети на европскиот пазар.