Истражување: 1,6 милиони луѓе во Кина умираат годишно од загадување на воздух

Загадениот воздух во Кина е причината што годишно умираат 1,6 милиони луѓе, или речиси 4400 секојдневно, покажува ново истражување на непрофитната организација за истражување на климата Berkeley Earth.

Истражувањето открива дека загадувањето е причинател за 17 отсто од вкупниот број на смртни случаи во Кина. Истражувачите дошле до овој заклучок откако четири месеци ги анализирале податоците земени од 1500 локации низ Кина, Јужна Кореја и Тајванд.

Најголем загадувач, според студијата, се ситни честички кои се ослободуваат од електричните централи и од фосилните горива кои се користат за греење во домовите и фабриките. Овие честички можат да навлезат во белите дробови и можат да предизвикаат разни болести, од астма до проблеми со срцето.

Според студијата, 92 отсто од населението во Кина, дишело повеќе од 120 часа нечист воздух, во текот на четирите месеци, а 38 отсто биле сведок на зголемени концентрации штетни по здравјето.

Ова истражување е дел од многу други кои покажуваат дека поради загадување на воздухот, во Кина секоја година умираат од 1,2 до 2 милиони луѓе годишно.