Истражување за образовната инклузија на учениците Роми

Ниското образовно ниво на родителите и социо-економски статус, слабото познавање на македонскиот јазик, прескокнувањето на предучилишно образование, но и нередовноста во училиштето се главните фактори кои негативно влијаат на образовната инклузија на учениците Роми, покажа истражувањето на Ромски Ресурсен Центар и Центар за семејно и детско згрижување, Атина.

Резултатите од тримесечното истражување беа претставени на тркалезната маса „Наоди од целисходни истражувања за состојбите на ромската популација“ каде учесниците имаа можност да се запознаат со проблемите кои влијаат на вклученоста на децата Роми во формалното образование.

Испитаниците укажуваат на потребата од зајакнување на капацитетите за вклучување на учениците од поголема возраст во основното образование преку воннаставни активности и изготвување на посебни скратени програми, како и потреба за интервенција на наставниците за работа со „ранливата група на ученици“. Како најефективни наставни форми и методи за поддршка се бројуваат скратени програми за ученици кои не се вклучени во образовниот процес и се во поодмината возраст, како и соработката со родителите.

Анализата на легислативната рамка пак покажала дека постојното законодавство за заштита на правото на ромските деца на формалното образование е сеопфатно и широко усогласено со стандардите на ЕУ. Сепак во рамките на оваа анализа се предлагаат низа мерки кои на долг рок би придонеле за унапредување на образовната инклузија на децата Роми. Меѓу нив се вбројуваат: отстранување на правните бариери за дополнителен упис во матичната книга на родени, унапредување на законските механизми за поддршка на децата со ниски постигнувања во училиште, регулирање на задоцнет упис во прво одделение, воведување на дополнителни мерки за реинтеграција на учениците кои биле провремено отсутни од училиште поради престој во странство или сезонска работа и др.

Посебен дел од анализата е посветен и на проценка на граѓанските организации кои работат во областа на образовна инклузија на Ромите. Во овој дел се укажува на потребата од професионално усовршување во граѓанските организации, зголемување на менторската поддршка, но и поддршка во процесот на подготвување на стратегиски документи и вмрежување.