Училиштата се уште не ги санирале штетите од кражбите и оштетувањата на компјутерите кои беа дел од Проектот “Компјутер за секое дете”, а веќе во најава е уште една голема компјутеризација. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања најави дека ќе набави нови 300.000 таблет –компјутери за учениците од основното и средното образование со образложените дека ќе се продолжи со осовременување на наставата. Но, според статистиките, во изминативе седум години, од училиштата се украдени околу 2.800 компјутери и компјутерска опрема во 400 основни и 38 средни училишта. Од овие причини, дел од компјутерите се уште се држат под клуч, а во општините и училиштата се жалат дека немаат доволно пари за одржување на санитариите и за осигурување на компјутерите што им се предадени, пишува во анализата за ефектите на проектот „Компјутер за секое дете“, која ја направи Центарот за истражувачко новинарство SCOOP.
Двеста училишта во моментов чекаат на реновирање, а дел од нив почнаа да се распаѓаат, па дури и да стануваат опасност по здравјето на учениците, како што беше примерот со Средното хемиско училиште „Марија Кири-Склодовска“ каде дел од таванот падна врз ученик.
Во вакви услови, училиштата би требало да ги дочекаат новите таблети кои се најавени дека ќе се распределат во сите училишта, иако компјутеризацијата како фаза е завршена во сите објекти. Најавата за таблет компјутери, дополнително ги зголемува дилемите зошто е потребна нова компјутеризација кога само пред извесно време беа набавени компјутери за училиштата, кои и покрај замислата, не се користат секаде.
Засега никој не открива колку пари ќе чини овој проект и кога ќе почне да се реализира. Во Буџетот за 2015 година, во Министерството за образование и наука и во Министерството за информатичко општество не се предвидени пари за оваа намена.
Целта на новиот проект, како што беше најавено, е да се продолжи со осовременување на наставата за учениците во основно и средно образование.
„Со цел да се следи и применува најсовремената информатичко – комуникациска технологија во образовниот процес, програмата за работа на Владата за следните 4 години предвидува проект за набавка на 300.000 таблет компјутери кој ќе се реализира етапно, со тоа што најпрво ќе се набават таблет компјутери за учениците во средно образование, па потоа за учениците од 6 до 9 одделение во основно образование и на крајот за учениците од 1 до 5 одделение во основно образование. Исто така, преку овој проект, Министерството за образование и наука ќе продолжи и со набавка на интерактивни табли за основните и средни училишта“ – велат од Министерството за образование и наука.
Од друга страна, и во самата изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ од годинава е наведено дека на голем број од училиштата им е потребна реконструкција и токму затоа тие училишта се наведени во програмата.
„Или, дури 48 училишта со вкупни 31 илјада ученици чекат промена на крововите. Потоа, 59 училишта со вкупно 44.929 ученици чекаат промена на санитарните јазли, 35 училишта со вкупно 14.636 ученици имаат потреба од санација на греењето, а 39 училишта со вкупно 130.156 ученици чекаат на замена на прозорци и 19 училишта со 16.499 ученици чекаат промена на подовите“, се наведува во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, исто така, во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е наведено дека тие како владејачка партија во периодот од 2006 до 2014 година инвестирале 35,7 милиони евра во изградба, санација и реконструкција на основните училишта. Оваа сума, која, како што е наведено, ја инвестирале во училиштата за период од осум години е нешто помала од сумата што, според неофицијалните проценки, се потроши за набавката на компјутерите од проектот „Компјутер за секое дете“, проект кој се реализираше за три години. И покрај острите критики во јавноста дека во ситуација кога училиштата се руинирани, набавката на компјутери е само шминка, која не ја отсликува реалноста, сепак, за Владата, тоа е проект кој е во интерес на образовниот процес.
По пет кражби во еден месец
Проектот “Компјутер за секое дете“ е една од најголемите инвестиции во насока на зголемување на ефикасноста и квалитетот на образовниот процес во Република Македонија, преку кој се обезбедени 17.818 персонални компјутери, 98.710 ЛЦД-монитори, 98.710 тастатури и глувчиња и 80.892 тин-клиенти за основните и средните училишта во Македонија. Целта на овој проект е зголемување на степенот на користење на компјутери и интернет со што значително се подобруваат информатичко-технолошките вештини на учениците, како и на нивните професори, преку можноста за побрз и едноставен пристап до образовните дигитални содржини и информациите на глобалната интернет мрежа“, објаснуваат од Министерството за образование и наука. Оттаму потенцираат дека компјутерите се доставени до сите средни и основни училишта.
Сепак, од Министерството за образование и наука не доставија листа колку компјутери пооделно доставиле во секое училиште во земјава. Наспроти ова, директори сведочат дека не баш секој ученик добил компјутер.
Целата анализа прочитајте ја на веб-страницата на SCOOP
Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП (SCOOP) Македонија во рамките на НЕД проектот „Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство“.