Истражувачкиот центар Петница – место за младите истражувачи

Истражувачкиот центар Петница - место за младите истражувачиДека науката навистина не познава граници, најдобар пример е истажувачката станица Петница. Сместена во соседна Србија, на седум километри од Ваљево, ова место ги мами највредните ученици од целиот Балкан кои доаѓаат за самите да истражуваат, да учат и да го искористат своето знање во практични цели.

Иако некогаш Петница беше редовна дестинација и за најдобрите македонски ученици, сега многумина немаат чуено за постоењето на овој центар каде што младите прават истажувања од областа на лингвистиката, физиката, астрономијата, хемијата, информатиката….

Марко Прелевиќ беше еден од средношколците кој успеа пред две години да замине во Петница за да биде дел од предавањата и истажување во делот на компјутерските науки. За Радио МОФ тој вели дека неговото искуство од таму е бесценето и прашува, зошто во Македонија нема интерес за инвестирање во знаењето и отварање ваков центар каде што младите ќе се стават во служба на науката.

Марко Прелевиќ„Во техничкото училиште во Битола, во кое што учев, имаше презентација на Истажувачката станица Петница на која и дознав за неа. Тоа што го слушнав на презенатцијата ме маѓепса, место во кое можеш да се посветиш на една област и да ја истажуваш. Ја испратив пријавата, на мое огромно задоволство бев примен и тогаш започна авантурата. Во Петница бев воведен во многу области коишто не ни знаев дека постојат. Се стекнав со големо искуство и станав жеден за уште. Професорите беа тука да не поттикнат сами да проучуваме, истражуваме и самостојно да откриеме на што треба понатаму да се посветиме.“, раскажува Марко за посетата на центарот.

Но ова искуство, не било бесплатно. Македонските ученици, вели Марко, во Петница заминуваат со самофинансирање. Во Србија пак, училиштата даваат пари за учеството на талентираните ученици.

Две години подоцна, вели тој, токму Петница е клучниот фактор што годинава се запишува на информатика.

„Истажувачката станица Петница посебен акцент става во својата програма да ги вклучи младите луѓе кои во својата средина немаат доволно услови за дополнително научно информирање и образование. Колку што знам во Македонија немаме ваква станица, па секако дека би сакал да има и тука истражувачка станица во која средношколците ќе можат да ги откриваат своите потенцијали и истражуваат одредени области“, забележува Марко.

Истражувачкиот центар Петница - место за младите истражувачиОбразовната програма на истажувачката станица Петница е наменета за различни категории посебно млади луѓе, ученици, студенти, постдипломци, но и наставници заинтересирани за наука и истажувачка работа. Сепак, и тука не може да дојде секој, истражувачката станица самостојно го врши изборот на учесниците кои ќе се повикаат да бидат дел во нивните програми.

Во меѓувреме, вели Марко, покрај знањењата, продолжува дружбата со останатите учесници кои заедно со него биле дел од ова искуство.

„ Во контакт сме, добро е да имаш некој кој знаеш дека е исто толку заинтересиран за одредена област колку што си ти. За време на мојот престој имаше најмногу посетители од Србија, а исто така имаше и од Босна и Херцеговина. Но, разбрав дека на останатите семинари имало посетители од сите Балкански земји“, се потсетува Марко.

Во оваа единствена научна установа во југоисточна Европа и ова лето, на меѓународниот семинар свое присуство најавија повеќемина средношколци од повеќе земји, меѓу кои Велика Британија, Франција, Русија, Романија, Шпанија, Хрватска, но и од Македонија.

Љупка Спасовска