Истражувачи за прв пат го претставија визуелно човечкиот мозок под дејство на ЛСД

Во науката, терминот его се дефинира како „чувство за себство“, односно можноста да се доживее постоењето во светот како индивидуа, уникатно и одделно од сите други нешта. Сепак, како да знаеме дали сѐ околу нас не е конструкција на човечкиот ум, и како може да дознаеме дали навистина имаме „јас“?

Луѓето кои земаат психоделични дроги, како ЛСД на пример, често пријавуваат чувство на „смрт на егото“, односно дека способноста да се видат себеси како индивидуи кај нив исчезнува и тие доживуваат чувство на единство со универзумот. Како дел од нова студија за тоа како оваа дрога му влијае на мозокот, тим истражувачи од Империјалниот колеџ во Лондон идентификувал некои од процесите кои се случуваат при овој феномен, воедно одредувајќи ја невробиолошката основа на егото.

Коавторот на студијата, Енѕо Таљазуки, рекол за IFL Science дека тимот сакал да ги набљудува севкупните ефекти на ЛДС, фокусирајќи се на визуелните халуцинации. Сепак, биле „изненадени што дознале дека најистакната карактеристика на состојбата при користење на ЛСД не е поврзана со визуелна дисторзија, туку со губење на егото“.

За да го постигнат тоа, тие користеле три засебни техники на невровизуелизација за да го проучат мозокот на 20 волонтери после земање на ЛСД. Своите откритија ги објавиле во Proceedings of the National Academy of Sciences. Подоцна побарале од учесниците да ги опишат своите субјективни искуства, со цел да ги поврзат овие ефекти со невролошките процеси.

Резултатите покажале дека најзначајната карактеристика на дејството на ЛСД било губењето на егото, со кое „всушност се губи можноста да се познаеш себеси како одделно, индивидуално суштество, се губи идентитетот“.

Истражувачите веруваат дека проучувањето на „губењето на егото“ со користење на психоделични супстанци може да има огромен психотерапевтски потенцијал. На пример, постари студии покажаа дека псилоцибинот – психоактивна компонента која ја има во магичните печурки, може да ја намали анксиозноста кај луѓето со смртни болести, преку овозможување да го намалат своето его и да се доживеат како дел од универзална целина, а не како индивидуи.

Оваа студија е само една од нов бран на истражувања на психоделичните дроги, чија цел е да се дознаат некои фундаментални прашања за начинот на кој ја доживуваме реалноста.