Истражувачи математички пресметаа кој е главниот лик во Game of Thrones

Ендру Џ. Бевериџ, професор по математика на колеџот Мекалистер од Минесота и Џи Шан, негов студент, го објавија истражувањето „Мрежа на тронови“.

Објавено во специјалната публикација на Математичарската асоцијација на Америка, Math Horizons, истражувањето опишува како математичарите создале виртуелна социјална мрежа за да калкулираат кој навистина е најважен во измислената земја Вестерос.

Да се одреди кој е највлијателен лик во Игра на тронови за повеќето луѓе би била огромна задача, пишува IFL Science. Многу ликови се среќаваат, дури и накратко, а оние кои изгледаат како да се носители на дејството, умираат на почетокот од серијата.

Затоа, тие користеле теорија која комбинира различни нумерички базирани дисциплини за да видат како податоците се шират во масовните системи. Кога овие системи се квантификуваат на таков начин, можат да се искористат за да проектираат што ќе се случи во иднина.

За нивната студија, авторите на истражувањето се фокусирале на третата книга од серијалот, Бура на мечови.

„Се решивме за третиот дел бидејќи главниот наратив е напреднат, а карактерите се наоѓаат на различни географски точки и се вмешани во сопствени социјални кругови“, објаснуваат.

На ликовите им била дадена нумеричка вредност врз основа на тоа колку често се споменуваат во книгата, а се пресметувало и тоа со колку други ликови биле во допир.

Според сите параметри, главен лик во книгата е Тирион Ленистер. Овој макијавелистички, „спореден“ лик моментално владее со шоуто, велат авторите на истражувањето.