Истражувач од Франција прави документарец за етно-музиката на Балканот

Арнод Лануер е видео монтажер кој студирал уметост, кинематографија и мултимедија, но негов најголем интерес е музиката, и тоа не онаа конвенционалната, туку специфичната етно музика на различни народи. Како љубопитен набљудувач, неговите истражувања се ориентирани кон фасцинантни и страствени луѓе, од кои се обидува да извлече приказни за историјата, нивните чувства и човечката комуникација.

Идејата за неговиот проект „A Current Past in Balkans“ настанала после неговата прва посета на Балканот во 2013. Во своите средби со познати етно музичари од Босна, Бугарија и Македонија имал шанса да се запознае со гајдата, кавалот, тамбурата и староградската музика, по што добива идеја да направи документарен филм за традиционалната музика и нејзината важност како вредно културно наследство. Во неговата мисија истражува за тоа како народната музика може да биде  корисна во современиот живот, за текстовите кои се рефлексија на животот, за реакцијата на публиката,  взаемните чувства додека се слуша музиката и како може да се прилагоди народната музика за новите генерации.

Благодарение на соработката со Елена Кутев – бугарски етномузиколог и Мила Сантова – антрополог, како и бројни други познати народни музичари од Балканот, меѓу кои и Вера Милошевска и Оливер Јосифовски од Љубојна и Марјан Јовановски и Гоце Узуновски од Синтезис, Арнод се враќа во Франција со идеја да направи документарен филм кој треба да излезе до крајот на 2016 година.

За својот проект смета дека ќе биде од голема културна вредност за Балканот и Македонија, како и дека ќе ја подобри соработката помеѓу балканските земји и Нормандија.