Историчар од Јејл: Пост-вистината е зачеток на фашизмот

Пост-вистината, збор на годината според речникот на Оксфорд, е и моменталната состојба во која живееме. Лажните вести се насекаде и е тешко да се расуди дали една вест е веродостојна или не.

Поради тоа, познат историчар кој специјализира во проучување на Холокаустот, напиша книга за состојбата во која се наоѓаме, а тој смета дека се повторува.

Тимоти Снајдер, професор по европска историја на Јејл, во ноември напишал став откако Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД изминатиот ноември. Сега, подетално ја анализира состојбата во која се наоѓа светската политика, во неговата книга „За тиранијата“.

Тој предупредува дека Американците треба да учат од лекциите на европејците кои ги преживеале нацизмот, фашизмот и комунизмот.

„Европејците кои виделе како нивните режими се менуваат не биле помалку мудри од нас. Можам да кажам и дека всушност биле помудри од нас“, вели историчарот во интервју за Vox.

„Мислам дека имаме доста добри атрибути во нашето општество, во нашиот политички систем, но сме имале и среќа многу често“, смета професорот.

Вели дека е важно да се биде скромен и да се сфати дека изминатиот успех не е гаранција за успех во иднината.

„Мислиме дека само затоа што сме во Америка, нештата сами ќе се исправат. Пост-вистината е пред-фашизам. Да се напуштат фактите, значи и да се напушти слободата. Затоа, што и да се случи следно, зависи од нас“.

Вели дека неговата книга ја пишувал само неколку дена во декември, еден месец пред инаугурацијата.

Смета дека очигледен проблем во политичката промена која се случува во цел свет се парите во политиката, забуната помеѓу правото на слободен говор и правото да се дадат пари онолку колку што сакаш. Тоа се две различни работи.

„Основачите знаеле, бидејќи го читале Аристотел, дека нееднаквоста самата секогаш ќе биде закана за демократијата. Ако имаш премногу нееднаквост, предупредувал Аристотел, на луѓето ќе им биде преку глава од олигарсите. А, некој како Трамп ќе дојде и ќе каже, светот го управуваат милијардери, но барем јас ќе бидам вашиот милијардер, што е лажно и демагошки и генерално ужасно“, вели Снајдер.