Истокот се празни – младината си ја гледа иднината надвор

Некои си одат за да се образоваат, некои за да направат кариери, а некои, пак, за да преживеат. Но, сите кои се решиле да заминат едноставно не се гледаат себеси во својата земја. Овој впечаток се стекнува кога ќе ги прашате младите од истокот зошто одлучуваат или размислуваат животот да го градат надвор од Македонија, јавува Нова ТВ.

Штип

„Прво ќе си отидат од селото во некој поблизок град. Потоа од тој град ќе заминат во главниот град. На крајот, ќе видат дека и таму нема леб, па конечно ќе извадат билет во еден правец“, вели чичко Трајан од Кочани кој што всушност со нас ја споделува приказната на својот внук кој што поодамна заминал во Германија каде денеска е лекар.

Во соседен Штип ја сретнавме и Тамара Топалова од Кочани, 19 годишна студентка на катедрата за новинарство и односи со јавност на штипскиот универзитет Гоце Делчев. Нејзините соништа во моментов се да живее во малку поголем град од Кочани.

„Во Кочани нема што да се прави во слободното време. И освен традиционалната кафе шема, нема што да се работи. Овде во Штип како универзитетски град има што да се прави, има подобар ноќен живот. Има повеќе можности и шанси да се снајдеш и да запознаеш поширок круг луѓе“, вели Тамара.

Но младите штипјани не го делат оптимизмот на Тамара. Се жалат на можностите за вработувања, но особено се жалат на ниските плати.

„Јас работам во приватна компанија за 10 илјади денари. За исто толку пари во сендвичарница и кафуле работат и двајца мои другари. Шанса за вработување на некое подобро место или во државна институција има само ако по цел ден висиш во партиски штаб“, револтирано раскажува 24 годишниот Димитар.

Ниту статистиката не оди во прилог на источниот регион од Македонија. Тој се состои од 11 општини и околу 181 илјади жители. Првиот сигнал дека нешто едноставно „не штима“ го дава токму природниот прираст кој е во дебел минус – повеќе луѓе умираат отколку што се раѓаат. Берово и Пехчево со години се борат барем да го задржат истиот број на жители. Ништо подобра не е ситуацијата ниту со внатрешната миграција. Расте бројот на напуштени села на сметка на бројот на жителите во градовите каде што живее 66 проценти од вкупното населените во источниот регион кој што е претежно земјоделски со развиена текстилна индустрија.

„Тенденцијата на иселувањето на младите ќе продолжи ако не се подобрат условите во кои тие живеат во државата. Младите немаат доволно средства да ги покријат ниту основните потреби, а не за нешто повеќе“, вели Дина Митровиќ, граѓански активист.

„Животот тука не лош, ама проблем ни се парите. Мојата и платата на мојот сопруг не стигнуваат ниту за основните потреби. Ако работите не се подобрат, јас иднината на моите деца не ја гледам овде. Јас направив грешка што останав, но нема да дозволам тоа да се случи со моите деца“, вели 33 годишната Ана од Штип.

Целиот текст прочитајте го на Нова ТВ.