Иста програма и буџет скратен за една третина на Струшките вечери на поезијата 2018

Со буџет помал за триесет отсто од минатите изданија, фестивалот Струшки вечери на поезијата годинава одвај ќе го одржува нивото што веќе го има постигнато, а помалку добиените средства веројатно ќе се одразат на помала издавачка продукција или во прашање ќе биде организирањето на зимскиот поетски фестивал планиран за ноември, објави МИА.

Претседателката на Управниот одбор Елизабета Шелева денеска на прес-конференција рече дека од материјален карактер е причината што не вовеле нови програми на СВП. Директорот на СВП Мите Стефоски рече дека годинашниот буџет е ист како во 1999-та, а треба да се покријат трошоци како за 2018 година. За да ги задржат стандардите, покрај скратениот буџет од Министерството за култура, поддршка обезбедиле и преку соработка со странски институции и фондации, програмата на ЕУ „Креативна Европа“ и со спонзорства. Ако сакаме промени и модернизирање на фестивалот, рече тој, мора да се знае дека тие се поврзани со средства.

„Струшките вечери се на високо ниво и штета е ако на некој начин тоа биде загрозено. Наместо да се наоѓаат начини за развој на фестивалот, треба да се мисли како да се одржува нивото што веќе е постигнато – стандардите што во претходните години сме ги подигнале за третман на гостите и самиот начин на организација. Државата треба да води сметка никогаш да не падне нивото кое е веќе освоено. Недозволиво е да ги враќаме назад начините на организација на фестивалот наместо да ги унапредуваме. Незамисливо е во 21 век да не го покриете основниот надомест за авторски права на врвен поет кој настапува на вашиот
фестивал“, рече Стефоски на прес-конференција на која ја соопшти фестивалската програма.

Струшки вечери на поезијата од 22 до 27 август

И годинава ќе ги има стандардните – поетски читања за отворањето и затворањето на фестивалот  („Меридијани“ и „Мостови“), книжевниот портрет на венценосецот – поетот Адам Загајевски од Полска во црквата „Света Софија“ во Охрид, симпозиумот „Изгубено најдено во преводот“ во рамки на преведувачката работилница…

По Лешоски, се повлече целиот Управен одбор на СВП