Исплашени, бесни и изморени: Демонстрантите во Хонг Конг се извинуваат за насилството на аеродромот

Демонстрантите во Хонг Конг и се извинуваат на јавноста за настанатиот хаос на градскиот аеродром, еден од најпрометните во светот, откако демонстрациите предизвикаа прекин во авионскиот сообраќај два дена по ред, и „заробија“ илјадници патници.

Една група на демонстранти преку долго соопштение повикаа на разбирање, велејќи дека демонстрантите го избрале аеродромот како место за демонстрации само затоа што веќе не се чувствуваат безбедно да протестираат низ улиците, поради полициското насилство.

Групата се извини за судирите во средата, во кои полицијата со пендреци и солзавец се судри со илјадници демонстранти, велејќи: „По неколку месеци подолг отпор сме исплашени, бесни и изморени. Некои од нас лесно се вознемирија и реагираа повеќе од што треба минатата ноќ“.

Во пораките објавени на интернет, демонстрантите им се извинија на новинарите, парамедиците и патниците и ветија дека ќе научат од грешките.

Претходно, во средата наутро, демонстрантите преку LIHKG, онлајн форум, сличен на Reddit, дебатираа како и кога да се извинат.

Антивладините демонстрации на аеродромите започнаа со „мирно седење“ (sit-in), а како такви се одржуваа од петокот до неделата. Оттогаш, демонстрантите почнаа да ги менуваат тактиките, откако илјадници луѓе се приклучија на протестот против полициската бруталност.

Веќе во понеделникот вечерта, тие почнаа да ги блокираат патниците во делот каде што треба да ги проверуваат своите билети и го блокираа нивното движење, со што предизвикаа да се откажат летовите. Тие ја повторија истата тактика во вторникот попладне, но се соочија со повеќе конфронтации со патниците.