Исланѓанец измислил шише за вода од алги како зелена алтернатива за пластиката

Со цел да ја намали употребата на пластични шишиња и да помогне во зачувувањето на планетата, исландскиот индустриски дизајнер Ари Јонсон измислил шише изработено од алгал, материјал кој се прави од алги.

Шишињата на Јонсон се 100 проценти биоразградливи и природни. Ја зачувуваат својата форма додека да се испразнат, а потоа полека започнуваат да се распаѓаат.

Изумот на Ари бил претставен на овогодинешниот фестивал на дизајн во Рејкјавик, DesignMarch, од 10 до 13 март.

Јонсон завршил факултет на Исландската академија на уметност. Откако прочитал за количината на пластика која се произведува и фрла секој ден, дизајнерот почувствувал „итна потреба“ да развие материјал кој може да ја замени.

„Прочитав дека 50 посто од пластиката се користи само еднаш, а потоа се фрла. Затоа мислам дека има итна потреба од наоѓање на начини да се замени дел од нереалната количина на пластика која ја произведуваме, користиме и фрламе секој ден“, вели Јонсон за Dezeen.