Искршено новото игралиште на посебното училиште „Златан Сремец“

Уште пред да биде отворено, искршено е новото инклузивно игралиште во дворот на посебното основно училиште за деца со пречки во психофизичкиот развој „Д-р Златан Сремец”.

Откорнати се повеќе даски, а целосно е расклатен мостот кој учениците треба да го користат за физичка активност и развивање рамнотежа.

Како што појаснува Маја Невчевска Станковска, дефектолог во училиштето, разочарува тоа што по цела година собирање донации за да се направи игралиштето, сега некој им го уништува.

„Ние сме ентузијасти, сакаме да правиме и создаваме, нешто што и соседите ќе го користат. Со игралиштето се надевавме дека малку ќе се освестат луѓето, на нашите ученици им е потребна и физичка активност и зиме и лете, но ова беше крајно разочарувачки кога видовме дека се искршени“, револтиран е дефектологот.

Таа објаснува дека проблемот со уништување на содржините во училишниот двор не е новина. Објаснува дека редовно се крши и летниковецот во дворот и во ноќните часови постојано се остава ѓубре. Вели дека веќе 15 години бараат од општината да им додели чувар, но нема слух за нивните барања.

„Доаѓа полиција, велат дека има контроли, ама очигледно нема. Нас ни е потребен чувар“, децидна е  Невчевска Станковска.

„Не е првпат, ама сакаме да биде последен пат. Не знаеме каде да се обратиме за ова да престане. Поентата е да создаваме, да креираме за сите , за подобро општество, ние самите тоа да го правиме. Да се трча по институции да се собираат донации, за некој да ги крши, значи многу е жално. Толку труд се вложило, и време… крајно е разочарувачки“, додава Невчевска Станковска.

Отворањето на инклузивното игралиштето беше закажано за утре. Од училиштето се надеваат дека ќе успеат да ги поправат реквизите и да го одржат утрешниот настан. Но прашуваат, ако не се најде решение за проблемот, до кога ќе потраат.

Ј.Ј.