Иселувањето, образованието и корупцијата главни теми на средбата на евроамбасадорот Жбогар со кавадаречките средношколци

Сергеј Геков е втора година во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци кој вчера, заедно со триесетина свои соученици, доби можност да поразговара со евроамбасадорот Самуел Жбогар. Сакаше од прва рака да  дознае како ќе се одразат новите ограничувања на интернетот во Европската Унија, со Членот 13, па седна во првиот ред, за да успее да го постави своето прашање.

Сергеј Геков

„Членот 13, значи нов закон со кој повеќе не смее да се користат материјали на интернет без да имаат дозвола од авторот. Ова може потенцијално да биде крај на интернетот во Европската унија“, изјави за Радио МОФ шеснаесетгодишникот пред средбата на средношколците со евроамбасадорот Жбогар.

Желни да научат повеќе за евроинтеграциите, за предностите и за мааните на Европската Унија, учениците беа возбудени поради средбата со евроамбасадарот. Отпрвин резервирано, потоа многу послободно, на одличен англиски јазик ги поставуваа своите прашања. Од тоа какви ќе бидат бенефитите од влезот во Унијата, каква помош ќе добиеме, па се до прашања за тоа што ќе добие Унијата од нашето членство, како да се справиме со корупцијата, заштитата на животната средина и пред се, со иселувањето на младите. Ние не сакаме празни држави, рече евроамбасадорот.

„Владата треба да смисли на мерки како да ги задржи луѓето овде. Политиката го окупира животот. Сѐ се врти околу политиката. Таа мора да се тргне од секојдневието на луѓето и тогаш државата ќе стане понормална. Тогаш луѓето ќе сакаат да останат тука и да не размислуваат за иселување. Нема лесен одговор.  Со зачленувањето во ЕУ, иселувањето ќе стане полесно. Но, мислам дека земјата веќе го допре дното, поминавте многу последните 10 години, а сега нештата ќе стануваат подобри со отворањето на преговорите. Но, нема да се сменат сами од себе“, предупреди евроамбасадорот Жбогар.

Жбогар истакна дека лесно е да се каже зошто на Македонија и треба Унијата, допрва ќе треба да се убедат жителите на останатите земји членки дека е потребно понатамошно проширување. Посочи дека очекува почеток на преговорите во јуни, а со тоа и подобар имиџ на државата, но и намалување на корупцијата. Најважно вели, е да постојат функционални институции.

„Ова не може ние да го направиме за вас. Може да се иницира, бара, да советуваме, предлагаме, тоа е она што го правиме, но ние не ја водиме државата. Верувам дека евроинтеграциите ќе помогнат. Во тој процес, кога ќе се отвора поглавје по поглавје, ние ќе бидеме многу строги“, рече Жбогар пред средношколците.

Тие се интересираа и тоа како Унијата ќе го подобри образованието.

„Ние веруваме дека ЕУ може да да помогне за подобро образование во Македонија. Друга важна работа за нас е препознавање на образованието низ Европа, бидејќи многумина сакаат да студираат во Европа, но тоа е многу тешко , затоа што средношколските дипломи често не се прифаќаат, па мора да се полагаат посебни тестови“, рече еден од средношколците. Друг пак праша дали Унијата ќе помогне за проширување на гимназијата, за кавадаречките средношколци да одат само прва смена.

„Образованието е голем проблем. Пред некој месец отворивме едно училиште, догодина за првпат ќе дадеме 20 милиони евра за образование директно во буџет“, најави Жбогар, посочувајки дека владата ќе одлучи што ќе прави со тие пари, но и дека ќе мора да дадат извештај за нивното трошење.

Тој ги праша средношколците на што ги асоцира Европската Унија, на што доби неколку одговори – семејство, можности, успех и тимска работа. Задоволен од одговорот на средношколците, малку носталгично укажа дека тоа се првите и едни од најважните нешта во Унијата. Но низ годините, додаде, ЕУ се менува, а од државите членки ќе зависи во која насока ќе оди таа промена.

„Кога Македонија ќе влезе во Европската Унија, тоа ќе биде различна ЕУ од таа што е денес“, рече евроамбасадорот.

Еден час беше малку за да се постават и одговорат сите прашања. Сергеј Геков, не успеа да го постави прашањето за интернетот, но затоа, инспириран од дискусијата, прашуваше дали ЕУ ќе помогне во обезбедување поплатени и побезбедни работни места, но и како ќе помогне во борбата со сеприсутната корупција.

Само еден средношколец крена крена рака на прашањето кој ќе остане во Македонија, на студии и живот. Останатите срамежливо молчеа, или кажуваа дека сакаат да студираат или да живеат надвор од земјава.

„Не е лесно да се живее надвор, на првата генерација секогаш и е најтешко“, споделуваше со нив еврокомесарот кој додаде дека освен што недостигаат најблиските, и останатите ве гледат како странец.

Младиот Сергеј, го дели ова мислење, но свесен е за проблемите кои го опкружуваат.

„Како ученик, сакам да има повеќе можности за рекреација, базени, спортски, центри, библиотеки, па и интернет кафулиња да можат учениците после школо да учат и да се забавуваат. Кавадарци, на прв поглед како град е многу уништен, но луѓето се многу добри, весели, многу ретко некој од Кавадарци може да се најде во конфликт со другите луѓе. Многу мирно место, но пропаднато, за жал“, вели тој.

Ќе оди на студии во Скопје, а потоа ќе си ја бара среќата надвор од Македонија.

„Засега, планирам за студирам машински дизајн во Скопје, за кога ќе дипломирам, да видам дали ќе може да заминам да работам во странство. Оваа работа е универзална, на секој секогаш ќе му треба машински дизајнер“, истакна Сергеј.

Ј.Ј.