Исчистен паркот на природата „Езерани“ во Преспа

Паркот на природата „Езерани“ во Преспа, вчера по повод Денот на екологијата беше исчистен од отпад во заедничка акција на Македонското еколошко друштво (МЕД), Општина Ресен, ЈКП Пролетер и музичката група „Реприза“ од Ресен. Акцијата беше иницирана токму од „Реприза“ кои неодамна објавија и песна за еко-активизам насловена „Засукај ракави“ со која се повикуваат граѓаните „да засукаат ракави и да го исчистат ѓубрето од кое што ни е смачено“.

„Оваа акција ја организираме за да се види која е суштината позади мотото ‘Засукај Ракави’. Со ова мото не значи дека треба еднаш во годината да се направи акција на која ќе броиме колку вреќи ѓубре сме собрале. Туку нашите ракави треба да останат засукани во текот на целата година и на денот на екологијата, да славиме затоа што планетата ни е чиста. Ние, ‘Реприза’, веруваме дека секој човек може да се подобри. Ајде заедно да ги засукаме ракавите и така да останат се додека загадуваме“, велат од групата и апелираат поддржувачите на ваквите акции да го користат хаштагот „#ZasukajRakavi“.

„Езерани“ е едно од најзначајните места за птиците во Европа, се вели во соопштението за акцијата, додавајќи дека тука може да се сретнат дури 42 отсто од европските видови птици.

„Освен тоа, тој не е важен само за светските летачи, туку и за самото Преспанско Езеро. Го помага прочистувањето на водата во езерото, како и одржувањето на неговиот биодиверзитет. Сепак и покрај природните вредности овој дел од езерото често е загаден со кабаст отпад и градежен шут кој го фрлаат несовесни граѓани“, се посочува во соопштението.