„Исцелител“ добитник на две награди на фестивал за заштита на природата во Црна Гора

Филмот на Ѓорче Ставревски, „Исцелител“ вечерва освои две нови награди на фестивалот „Green Montenegro International Film Fest“ во Црна Гора, посветен на заштитата на природата.

Се работи Награда за најдобар филм во селекцијата „Екологија на душата“ и специјална награда за главниот актер Благој Веселинов.

Фестивалот се одржува на Црно езеро во Националниот парк Дурмитор, под отворено небо. „Исцелител“ беше во друштво на филмови како како „Жени во војна“ и „Солта на земјата“. Фестивалот во Црна Гора траеше четири дена.

Инаку, „Исцелител“ досега беше прикажан на бројни филмски фестивали низ целиот свет, а доби позитивни рецензии од повеќе светски, балкански и македонски медиуми.

Собра награди на „Mostra de Valencia“ во Шпанија, на фестивалот во Санта Барбара, на Солунскиот филмски фестивал, Веселинов беше награден во Берлинскиот фестивал… Исто така, „Исцелител“ беше македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје“ за 2019 година.