Ирска ќе одржи референдум за абортусот идната година

Република Ирска ќе одржи референдум за абортус во 2018 година.

Прашањето за тоа дали да се повлече осмиот амандман, кој му дава еднакво право на живот на неродените, ќе биде поставено на референдумот кој треба да се одржи во мај, или јуни, идната година, соопшти владата на Лео Варадкар.

Волјата на граѓаните тогаш ќе одлучи дали абортусот треба да биде легализиран „во речиси сите случаи“.

Овој потег доаѓа по долгата борба на активистите кои бараат целосно повлекување на осмиот амандман, што го привлече вниманието и на светската јавност. Исто така, одлуката доаѓа пред да се одржат Маршевите за избор во Даблин и Лондон во сабота.

Клер МекГоуран, волонтерка од иницијативата за права на абортус во Лондон, во изјава за „Индепендент“ вели дека чекаат конкретна дата и прашање за референдумот и дека се подготвени да започнат со кампањата.

„Нашиот идеал е осмиот амандман целосно да биде повлечен, а не заменет“, рече таа. „Минимумот е да не збунува повеќе и да им дозволува бесплатен, безбеден абортус на жените во Република Ирска без разлика како тие забремениле“.

Комитетот за човекови права на Обединетите Нации повика забраните за абортус да бидат повлечени.

Од иницијативата на својата веб-страница напишаа: „Оваа година дознавме за млади деца кои биле третирани според Законот за ментално здравје поради барање на абортус, а на жена со самоубиствени нагони не и дозволиле пристап до абортус, иако е дозволено според Законот за заштита на животот во текот на бременост, бидејќи нејзиниот лекар не мисли дека е ‘самоубиствена доволно’.

„Во меѓувреме, во Северна Ирска жените продолжуваат да бидат гонети поради договарање на сопствените абортуси, иако притисокот за декриминализирање на абортусот расте во остатокот на Велика Британија.

Нам ни е потребно целосно повлекување на осмиот амандман во Уставот на Република Ирска и соодветна регулатива во Северна Ирска. Нам ни е потребен пристап до бесплатен, безбеден и легален абортус за секој што сака и му е потребен. А ни треба сега“.

Илјадници жени кои бараат абортус морале да патуваат до Велика Британија секоја година за да ја направат постапката, која е легална според Вестминистер, но ирските жени мораат да платат и до 4 000 фунти за патување, за сместување и медицински трошоци.

Република Ирска, која е претежно католичка земја, во моментов ги има едни од најрестриктивните закони за абортус во Европа. Осмиот амандман беше изгласан во време кога контрацепцијата беше исто така нелегална во Ирска.

Жена може да добие до 14 години затвор поради користење на орална контрацепција, која може да се порача онлајн.

Прекин на бременост е дозволено само во екстремно ретки случаи каде животот на мајката е загрозен. Оваа одредба за заштита на мајката беше воведена во Уставот во 80-тите откако се одржал референдум.

Сепак, референдумите неодамна доведоа до прогресивни социјални промени, на пример, истополовите бракови беа легализирани во 2015 година.

Голем број на славни жени кои побараа автономија врз своето тело го привлекоа вниманието кон ова прашање.

Комитетот на ОН се фокусираше на Аманда Мелет, која беше во 21 недела од својата бременост кога и било кажано дека нејзиното бебе ќе почине во утробата, или кратко по породувањето. Таа направила абортус во Британија, но не можела да си дозволи подолг престој, па морала да ја однесе пепелта од нејзиното бебе одделно.

Во март, жените низ државата одржаа еднодневен штрајк, носејќи црно како вид на протест против законите. Активистите обединети во групата „Штрајк за повлекување“ беа инспирирани од слични протести во Полска минатата година, кога жените излегоа на улиците, мавтајќи со закачалки како моќен симбол за жените кои биле под сериозен ризик поради нелегалните абортуси.