Ирска ќе го добие својот прв геј премиер од етничко малцинство

Синот на индиски имигрант кој јавно објавил дека е геј во 2015 година, Лео Варадкар, ќе биде наредниот премиер на Ирска, откако беше изгласан за лидер на владејачката партија на државата.

Победата на Лео Варадкар на избирањето на партиски лидер на Фине Гаел во петокот, откако дотогашниот премиер Енда Кени даде оставка минатиот месец, е уште еден голем чекор кон еднаквост во државата, после референдумот за геј бракови во 2015 година.

Освен што ќе стане првиот геј премиер на Ирска, Варадкар, кој има 38 години, ќе стане и најмладиот премиер на оваа земја досега, а е и првиот кој има потекло од етничко малцинство. Неговата позиција ќе биде службено потврдена кон крајот на месецов, кога ќе заврши одморот на парламентот.

Во изјава откако последните гласови биле избројани во Даблин, Варадкар рекол дека се чувствува презадоволно и почестено што победил.

Енда Кени, досегашниот премиер, изјави дека сосема го поддржува Варадкар.

„Ова е огромна чест за него и знам дека ќе го посвети својот живот на подобрување на животот на луѓето во нашата земја“, вели.