Ирска ќе ги декриминализира хероинот, кокаинот и канабисот за лична употреба

Ирска ќе ги декриминализира хероинот, кокаинот и канабисот до наредната година, како дел од „радикална културолошка промена“.

Министерот Aodhán Ó Ríordáin надлежен за Националната стратегија за дроги соопшти дека до наредната година зависниците ќе можат да ја инјектираат дрогата во специјално дизајнирани простории во Даблин.

Тој вели дека е потребно да се промени гледиштето за зависниците и да им се помогне, нагласувајќи дека постои разлика помеѓу легализација и декриминализација.

Сепак, продажбата и дистрибуцијата ќе останат нелегални, но оние кои ја купуваат дрогата нема да бидат казнети за нивната зависност.

„Свесен сум дека е потребно да се направи културолошка промена во однос на тоа како гледаме на злоупотребата на супстанции ако сакаме да го скршиме кругот и да направиме сериозен обид да ја опфатиме зависноста од алкохол и дрога“, рече Ó Ríordáin.

Тој изјави за ирските медиуми дека има силен консензус за декриминализација на дрогите во земјата.

Неговите коментари доаѓаат по новиот извештај на Канцеларијата на Обединетите Нации за дроги и криминал, која повика на декриминализација ширум светот на 19 октомври.

За време на дискусија за просториите во кои зависниците ќе можат да ги примат дрогите, Ó Ríordáin соопшти дека ќе бидат „клинички средини“, чија цел ќе биде да спречат веќе ранливи личности да се изложат на дополнителни ризици.

Тој се надева дека покрај Даблин, слични центри ќе бидат отворени и во Корк, Главеј и Лимерик.