Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) го освои првото место на регионалните ЕУ награди за истражувачко новинарство за документарниот филм „Нечиста крв“ кој е изработен во копродукција со Македонскиот јавен сервис (МРТВ).
На церемонијата која се одржа во Сараево наградата ја додели Јохан Сатлер, шеф на делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина кој рече дека наградената новинарска сторија разоткри важна тема од јавен интерес.
„Посветеноста на новинарите да разоткриваат неправилности и да бараат одговорност од моќните е импресивна и достојна за восхит и почит. Граѓаните имаат право да знаат дали јавните средства се трошат несоодветно или дали компаниите и институциите се занимаваат со дејствија кои ја загрозуваат нивната безбедност. Професионалното новинарство е неопходно за секое здраво демократско општество“, рече амбасадорот Сатлер.
Режисерот на серијалот „Редакција“ и документарниот филм „Нечиста крв“, Трифун Ситниковски, изјави дека наградата е потврда за досегашната мисија на ИРЛ.
„Серијалот „Редакција“ го започнавме со една многу чиста идеја, а тоа е да им покажеме на граѓаните дека има новинари коишто работат и се борат за нив. Ваквите награди ни се многу значајни бидејќи покажуваат дека целиот труд, работа и борба некој ја препознава и вреднува“, рече Ситниковски.
Втората награда ја освои новинар од Ал Џезеира, Драган Станимировиќ, за документарниот серијал „Битка за Неретва“, а третата ја доби новинар од БИРН-Србија Саша Драгојло за сторијата „Криумчар – преведувач и мајор Деки: Тврдење за криминал со полициска помош“.
Оваа регионална награда за прв пат се воведува годинава и на конкурсот беа пријавени 108 новинарски истражувања од седум земји од Западен Балкан и Турција. Наградите на ЕУ за истражувачко новинарство во земјите од Западен Балкан и Турција се дел од проектот „Јакнење на квалитетни вести и независно новинарство“ со цел да се привлече внимание и да се промовираат исклучителните достигнувања на истражувачките новинари, како и да се зголеми видливоста на квалитетното истражувачко новинарство во овие земји.
Жири комисијата за Регионалната награда на ЕУ за истражувачко новинарство за 2023 година ја сочинуваа Брент Садлер, долгогодишен новинар на СНН, Џенин Гибсон поранешен уредник во Гардијан и БазФид, која моментално е уредник во Фајненшл Тајмс Викенд. И Марко Милосављевиќ, академик на Универзитетот во Љубљана, Словенија, на позицијата редовен професор на Катедрата за комуникации.
Ова е петта награда за ИРЛ за документарниот филм „Нечиста крв“. Три награди освои во Македонија, една регионална во Сараево и меѓународната награда „Global Shining Light Award“ за најдобра истражувачка сторија во Гетеборг.