Ирина Бабамова ја доби повелбата „30 Септември“ по повод Светскиот ден на преведувачот

Ирина Бабамова е добитник на годинешното преведувачко призание повелба „30 Септември“, што го доделува Сојузот на литературни преведувачи на Македонија по повод Светскиот ден на преведувачот. Повелбата беше доделена денеска на свечен собир во Друштвото на писатели во Скопје.

Претседателот на советот на Сојузот на книжевни преведувачи Стефан Симовски, рече дека Светскиот ден на преведувачот се одбележува во 56 земји и е установен во 2001 година од страна на УНЕСКО и Светската федерација на преведувачи ФИТ, што брои околу 70 илјади членови.

Ова признание се доделува на веќе афирмирани преведувачи кои имаат значајни преводи на капитални дела.

Добитничката на повелбата Ирина Бабамова, изрази благодарност за укажаната чест и нејзиното издвојување како добитник на повелбата „30 Септември“.

Бабамова е редовен професор и шеф на катедрата за романски јазици и книжевнсот на Филолошкиот факултет во Скопје. Таа е родена на 6 април 1969 година во Скопје. Добитник е на повеќе одликувања, награди и признанија, меѓу кои наградата „Златно перо“ и „Божидар Настев“, почесното француско признание „Златен збор“ и орденот витез од редот на академските палми што го доделува француското Министерство за образование.