Ирански активист, затворен за протест против принудниот хиџаб, почна штрајк со глад

Активисти за човекови права од Иран изјавиле дека се загрижени за Ферхад Мејсами, затворен поради протест против обврската жените да носат хиџаб, кој започнал штрајк со глад.

48-годишниот Мејсами, кој бил доктор и издавач пред да стане граѓански активист, бил уапсен во неговата канцеларија во јули и бил затворен во озлогласениот затвор „Евин“ во Техеран.

По бранот протести околу хиџабот, иранските власти почнаа пресметка со активистите. Мејсами бил обвинет за поседување беџови на кои пишувало: „Јас сум против задолжителен хиџаб“.

Последниве месеци поголем број жени се уапсени поради нивен отпор на задолжителното носење хиџаб во јавност – стоејќи на телефонски говорници и симнувајќи ги своите шамии од главите и веејќи ги на стап. Движењето предизвика дебата ширум земјата околу правилото на задолжителност, на што се приклучија и група парламентарци.

Мејсами е обвинет за „соработка и заговор кој ја загрозува националната безбедност“, „дисеминација на пропаганда против власта“ и „навреда на хиџабот“, што претставува светост во исламот, посочуваат од новинската агенција на Иранските активисти за човекови права. Тој е обвинет и за „провоцирање на жени за да се појават во јавност без хиџаб“.

Штрајкот со глад на Мејсами е поради „неправедните обвинувања и недозволување на избор на адвокат“, изјавил за Гардијан негов близок соработник.

Во врска со протестите уапсени се и други активисти и правници.

„Дали сметате дека носење беџ на кој пишува „Јас сум против принуден хиџаб“ е криминал? Иранските власти мислат така. Тие го уапсија бранителот на човекови права Фархад Мехсами и го обвинија за кривични дела против националната безбедност поради поддршка на кампањата на иранските жени против оваа пракса на деградирање“, напишаа на Твитер од Амнести Интернешанл.

Затворени остануваат и десетици студенти откако беа уапсени оваа година поради учество во мирни протести. Оваа недела беше објавена информација дека Париса Рафеи, 21-годишен студент од Техеран, бил осуден на седум години затвор за „собир со намера да се дејствува против националната безбедност, пропаганда против власта и нарушување на јавниот ред“.