Иранска телевизија „ги облече“ актерките на Оскарите кои носеа фустан со длабоко деколте

За време на 89-тото доделување на Оскарите во неделата, иранската телевизија на Трудовата новинска агенција со Фотошоп им додала на актерките на сцената „облека“, за да не се гледа гола кожа или деколте.

Иранскиот режисер Ашгар Фархади ја доби наградата за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, за „Продавачот“. Фархади одлучи да не присуствува на церемонијата, во знак на протест за „забраната за муслимани“ која се обиде да ја воведе Доналд Трамп. Но наместо него, Оскарот го прими Ануше Ансари, иранско-американска режисерка. Наградата ја доделија Шарлиз Терон и Ширли МекЛејн.

Терон на доделувањето носеше фустан со длабоко деколте, поради што Иранската трудова новинска агенција одлучила да „фотошопира“ облека врз актерката, покривајќи ги нејзините раце, тело и врат.

Дополнително, покриена била и кожата која се гледа од фустанот на Ансари. Телевизијата за да „ги облече“ актерките користела „blur“ ефект, односно замаглување.

Масих Алинеџад, која ја објавила снимката од бизарното цензурирање на женското тело на Фејсбук и значајна активистка која се бори против задолжителното носење хиџаб во Иран, објаснува како државната телевизија прави „апсурдни напори“ за да ги покрие женските тела.

„Ова е Исламската Република Иран, која ги принудува девојчињата на само седум години да се покриваат“, вели таа. „Додека многу од нас, како и Американците, го искажуваме своето незадоволство за „муслиманската забрана“ на Трамп, треба да бидеме погласни и појасни и за нашата осуда на забраната за жени кои не смеат ни да влезат во Иран без хиџаб“.