Иран осуди 12 луѓе на затворска казна поради нивните „неисламски“ фотографии на Инстаграм

Како дел од програмата „Пајак 2“ на иранската влада, чија цел е да „ги разбие непристојните интернет активности“, во Иран дванаесетмина се осудени на затвор поради сликите кои ги објавувале на Инстаграм. Откако програмата започнала во март, повеќе од 170 лица биле уапсени.

На осудените им се пресудени различни затворски казни, од пет месеци до шест години во затвор. Осумте жени и четворицата мажи не се јавно именувани, но биле осудени во Шираз, во југозападен Иран, и нема да смеат да ја напуштат државата во наредните две години откако ќе ги отслужат казните.

Инстаграм е популарен во Иран, бидејќи за разлика од Фејсбук, Твитер и Јутјуб, не е блокиран од владата. Но, сепак е мета на „Пајак 2“.

Минатиот ноември, седум агенции за модели биле затворени поради „ставање во опасност на моралната безбедност и јавниот ред“, а во мај осуммина други лица биле уапсени поради фотографиите кои ги објавиле на интернет.

Меѓу истражуваните, се нашле и познатиот пар Хамид Фадеи и Елназ Голрок, кои побегнале во Дубаи.