Иран ќе им дозволи на жените да посетуваат машки спортски натпревари

Иранското Министерство за млади и спорт викендов соопшти дека на жените отсега ќе им биде дозволено да посетуваат спортски натпревари на кои учествуваат мажи, со што се укинува едно од најкритикуваните правила во државата во која се спроведуваат строги исламски закони.

Одлуката на иранската влада, за која нема информација дали ја има задолжителната потврда од Врховниот револуционерен културен совет, доаѓа само неколку дена откако беше постигнат значаен напредок во преговорите меѓу Иран и големите сили, меѓу кои и САД, околу нуклеарната програма на азиската земја.

Според одлуката, на жените ќе им се дозволи да присуствуваат на повеќето спортски натпревари, освен на оние во „машките“ спортови како борењето или пливањето, во кои спортистите носат облека која покрива многу мал дел од нивните тела. За жените најверојатно ќе бидат подготвени посебни делови од стадионите и салите, а ќе има и „мешани“ седишта резервирани за семејствата.

Оваа одлука, ако се спроведе, ќе значи голема победа за претседателот Хасан Рухани, кој презеде низа чекори со кои се зголемуваат личните слободи и се укинуваат закони кои се сметаат за застарени во иранското општество, кое засилено се модернизира.

Според сегашните правила, жените и мажите во Иран не смеат да се мешаат, освен на официјалните и религиозните собири. Сепак, луѓе од двата пола не смеат да бидат заедно на универзитетите. Многу од овие мерки не се напишани во закони, туку се резултат на одлуки кои ги донеле државни органи, како Националниот безбедносен совет, во консултација со верските водачи.