Бројот на мртви од коронавирусот во Иран е три пати поголем од она што го тврди владата, покажува новинарското истражување на Би-Би-Си.
Според владините интерни информации, скоро 42.000 луѓе со симптоми на Ковид-19 починале до 20-ти јули, додека од иранското министерство за здравство официјално се регистрирани 14.405 починати лица.
Истражувањето на Би-Би-Си покажува и дека бројот на луѓе кои биле инфицирани со вирусот исто така е двојно повисок од официјалните бројки – 451 илјада, наспроти 279 илјади колку што се соопштува во јавноста.
Од Би-Би-Си велат дека преку медицински лица дошле до повеќе бази на податоци и документи кои ја покажуваат реалната бројка на заразени и починати од новиот коронавирус. Доктори кои се запознаени со ова криење на реалната бројка од иранските власти велат дека министерството за здравство било под голем притисок од безбедносните служби во Иран.
„Првично немаа тестови, а кога ги добија, не се користеа доволно обемно. Позицијата на безбедносните служби беше да не го признаат постоењето на коронавирусот во Иран“, вели доктор чиј идентитет е прикриен од медиумот.
Дури и со официјално соопштените бројки, кои се многу помали, Иран е најпогодената држава од Ковид-19 на Блискиот Исток.
Првиот смртен случај од вирусот во Иран бил регистриран на 22 јануари. Според информациите до кои дошле новинарите тоа е скоро еден месец пред официјално да биде регистриран првиот
Би-Би-Си пишува дека прикривањето на состојбата најверојатно било поради тоа што епидемијата се совпаднала со годишнината од Исламската револуција и парламентарните избори во земјата.