Британските кандидати пропуштаат добро платени работни места во технолошкиот сектор затоа што не разбираат што значат новите, збунувачки работни титули. Една од нив е – „инженер за емпатија“.
Според истражување на финансиската платформа Tide, многу апликанти не се пријавуваат за вакви позиции бидејќи не им е јасно што опфаќаат, а понекогаш дури не веруваат ни дека постојат.
Но што е всушност инженер за емпатија? Тоа е лице кое ги разгледува социјалните, културните и емоционалните фактори што влијаат на односот меѓу општеството и технологијата, комбинирајќи човечка перспектива со технолошки решенија. Платата може да достигне и до 110.000 фунти годишно.
Во моментов речиси и да нема активни огласи за ваква позиција, иако постоел оглас во гејминг-индустријата. Таму задачата била развивање механики и приказни во игри што поттикнуваат емпатија, емоционална интелигенција и социјална свесност кај играчите.
„Инженер за емпатија“ е само една од низата нови титули. Меѓу нив се и „инженер за промптови“, како и „менаџер за припадност“. Дури 80 проценти од 2.000 анкетирани лица не знаеле што работи менаџер за припадност. Според објаснувањето, тоа е лице задолжено за градење инклузивна организациска култура во која вработените се чувствуваат ценети и слушнати. Платата може да достигне до 80.000 фунти.
Проблемот, велат експертите, е што пазарот на труд брзо се менува, а новите улоги немаат претходни еквиваленти. Дополнително, работодавците често користат комплицирани и нејасни називи за позиции што во суштина се слични на традиционални работи во маркетинг, човечки ресурси или развој на производи.
Меѓу другите необични титули се „архитект на вештини“ и „офицер за зголемена интелигенција“.
Пораката е јасна: зад модерните имиња често стојат реални и добро платени можности – но потребно е подобро разбирање за да не останат неискористени.
Извор: TheGuardian
Фото: Freepik



