„Интимен театар“ зборува – видео апел до Министерството за култура

Битолскиот независен „Интимен театар“, првата приватна театарска куќа во Македонија направена без надворешни инвестиции, упати видео апел до Министерството за култура бидејќи велат дека четири години не добиле никаква финансиска поддршка.

Оттаму додаваат дека доколку тоа се повтори и годинава, театарот ќе биде приморан да се затвори.

„Интимен театар од Битола, веќе четири години не добила никакви средства од Министерството за култура. Оваа година конкуриравме во драмска и во интердисциплинарна дејност, и се плашам дека ако и оваа година не добиеме грант, нема да можеме да ја одржиме во живот самата структура на организацијата. Досега мал приватен бизнис, хотелот „Hotel Teatar“, во чијшто простор веќе осум години работиме, успеваше да влева дел од своите приходи во нашата организација, но благодарение на ковид кризата, малиот бизнис е сосема мртов и ние остануваме без основни средства за работа и одржливост“, вели режисерката и основачката, Софија Ристевска.

Понатаму, таа посочува дека додека населението заминува од внатрешноста, што доведува до намалување на просторот во кој културните организации дејствуваат, дополнувајќи дека и покрај таквата ситуација, организациите од внатрешноста успеваат да привлечат артисти и млади луѓе и успеваат да бидат светли точки во развитокот на градовите.

„Мојот апел до Министерството за култура и до комисиите е да се разгледаат детално портфолијата на самите организации. Колку долго постојат и каков импакт имаат врз самите заедници кадешто дејствуваат. Да не се расцепкува и така малиот буџет на милион мали порции, за да се доделат на нереални организации, организации без биографија и продукција, а да се укрупнат грантовите и да се дадат на реалните чинители на независната културна сцана, како во главниот град, така и во внатрешноста на државата“, апелира Ристовска.

Во продолжение чујте го апелот на „Интимен театар“: