[Интервју] „За да започнеш живеење со нула отпад се потребни 0 денари“

Младите Марија, Теа и Дејан имаат идеја и желба да ја отворат првата продавница во Скопје без или со реупотребливо пакување на производите. Тие неодамна беа избрани меѓу победниците на натпреварот во организација на Здружението за социјални иновации „АРНО“, добивајќи шанса да ја развиваат својата замисла.

За Марија Арсоска, нула отпад не е само концепт на продавање на продукти на мерење, односно без амбалажа, туку една цела философија која се живее секој ден.

„Философија која во минатото била секојдневие, а денеска е целосна спротивност на конзумеристички струи“, вели таа за Радио МОФ.

Марија Арсоска

Нивната главна цел е да едуцираат, да поддржуваат циркуларност, реупотреба, поправање и редуцирање на сите оние производи или предмети кои секојдневно се користат, но и да поттикнуваат свесни навики за пазарење. Најголемата вредност е тоа што ќе бидат социјално претпријатие.

„Ќе соработуваме со локални производители или индивидуалци кои имаат капацитет да произведуваат за да ја јакнеме локалната економија. Ќе нудиме продукти кои се неопходни за домот и за лична хигиена, но се без или со реупотреблива амбалажа. Наша заложба е да ангажираме постари лица кои се долго време невработени. Тука мислам на пензионери или лица кои немаат редовен работен ангажман. Во следната фаза после отворањето на продавницата, планираме со нив да организираме и други активности како што се работилници за шиење, плетење, поправање и слично. Вредностите и способностите на постарите лица ни се особено важни за пренесување на идните генерации. Со тоа ќе го цениме трудот и знаењето на постарите, а во исто време ќе едуцираме за го зајакнеме опсегот на способност на нашите поддржувачи“, ни објасни Арсоска.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Skopje goes ZeroWaste (@zerowastemk)

Арсоска одамна размислувала за екологијата, заштитата на животната средина и прашањата поврзани со нејзиниот личен печат на Земјата. Најпрво рециклирала во домот и користела платнени торби за пазарење, термос за кафе за носење, метални цевки за пиење, хартија за печење која е реупотреблива, обвивки од пчелин восок за покривање на храна, дрвена четка за заби, метален чистач за јазик и уште неколку други алтернативи. Но, подоцна почнала да се прашува зошто нема место каде ќе може да го купи само производот.

„Живееме во време во кое сè што ќе посакаме ни е на дофат, живееме во изобилие, и при тоа не  сме свесни дека ресурсите на земјата се трошат секој ден и не се бесконечни. Ќе дојдеме во период кога ова изобилие нема да ни е повеќе достапно. Ќе мора да се прилагодиме да живееме поедноставно. Таквите општества се нарекуваат „отпорни заедници”. Всушност, тоа се тие заедници кои ќе можат да опстојуваат понатаму“, смета Арсоска.

Главна инспирација за нејзиното патешествие била Беа Џонсон, „мајка“ на движењето со нула отпад, која својот отпад го има сведено до една тегла годишно.

„Самиот концепт на нула отпад звучи многу недостижно за луѓето и првата нивна реакција е одбивна. ‘Е нема шанси значи, што е ова, што треба јас сега, да не живеам?’ Ова беа најчестите коментари од моите блиски. Но, не ме обесхрабруваа. Напротив, почнав да гледам промени и во нивниот начин на живот. Некои веќе пазаруваат со свои торби, некои внимаваат да не користат пластика, а некои само почнале да размислуваат. Тоа е и поентата. Секој на свој начин да почне да си ја менува перцепцијата и да почне да се грижи за животната средина. Јас и мојот тим сме свесни дека не можеме да го смениме светот, но, дека можеме да се смениме себе си“, вели Арсоска.

Менторка за реализација на оваа идеја е активистката Андријана Папиќ Манчева, која е автор на блогот „Од нула до нула”. Таа е исто така и иницијаторот за преведување на книгата на Беа Џонсон „Дом без ѓубре” на македонски јазик, како и за гостувањето на Беа во Скопје.

„Покрај достапноста на zero waste алтернативи,  во моментов може да се каже дека имаме и многу други предизвици поврзани со отпадот кои би можело лесно да се надминат доколку има интерес од носителите на одлуки. Една од нив е воспоставување на градски или општински компост центри во градовите. 40% од отпадот кој го произведуваме е биоразградлив. Истиот тој отпад, кој инаку во природата би се разградил, на депониите се разградува анаеробно (во отсуство на кислород) и испушта метан, кој е 28 пати помоќен од јаглерод диоксид во однос на затоплување на земјата. Истиот тој отпад би можел да се зема еднаш неделно од домаќинствата на најеколошки достапен начин и да се третира соодветно каде ќе може да се преработи соодветно и да се компостира во совршена почва“, предлага Арсоска.

Менувањето на навиките е тешко, но не и недостапно

Според Арсоска, доколку луѓето се свесни зошто ваквиот тип на пазарење е значаен, тогаш и самото менување на навики нема да биде тешко.

„Најпрво, луѓето сметаат дека за да започнат да живеат според овие нула отпад принципи, дека мора да купат одредени продукти. Напротив. Јас би рекла дека за да започнеш со нула отпад живеење се потребни 0 денари“, посочи таа.

„Со тоа што на граѓаните ќе им биде достапно место каде што продуктите за хигиена и за домот ќе им бидат на располагање, а во исто време ќе бидат и едуцирани за тоа што значи да купуваат без пакување, тие ќе ги имаат информации кои им се потребни за да направат одлука“, додава Арсоска.

Таа вели дека избира да се грижи за животната средина, иако е свесна дека нејзиниот отпечаток е можеби само една капка во океанот. Нејзинотот мото гласи: „На светот не му требаат неколку совршени екологисти. На светот му требаат милиони несовршени екологисти“.

Заедно со Теа и Дејан се горди и благодарни за можноста да учествуваат во регионален проект кој нуди целосна менторска и експертска поддршка за реализација на социјални бизнис идеи.

„Сите тимови кои учествуваа имаа извонредни идеи. Меѓу нас се чувствуваше само дух на инспирација и поддршка, во ниеден момент на конкуренција. Во тој дух, ние веќе планираме да вклучиме дел од нивните прототипи во нашата продавница. Ги охрабрувам сите поединци кои имаат идеја за социјален и зелен бизнис, да ги следат АРНО на социјалните мрежи и да аплицираат на нивните повици затоа што нема идеја која не може да биде реализирана ако навистина се има желба“, вели Арсоска.

Во моментов се во преговори со локални производители и индивидуалци за соработка. Воедно, сакаат да соработуваат и со државните органи, општините, Град Скопје и други институции. Веќе од следната недела започнуваат со своите детални планови, прототип и проекции за реализација на идејата.

Емилија Петреска