[Интервју] Во Македонија имаме проблем со владеење на правото

[Интервју]Во Македонија имаме проблем со владеење на правотоЗоран Дранговски е правник кој повеќе години работи на застапување на баратели на азил и бегалци во земјава и е дел од  Македонското здружение на млади правници.

На втората конференција TedXSkopje тој зборуваше за „невидливите граѓани“, а покрај оваа тема, за Радио МОФ ги споделува своите размислувања за општеството во кое живееме, за состојбата со човековите права, но и за почитувањето на законите во Македонија.

На годинашниот TedXSkopje зборувате за невидливите граѓани во Македонија, кои се тие и колку ги има?

Невидливи граѓани е малку поширок термин, ние работиме со лицата кои што се без државјанство. Во моментов е склучена соработка, со поддршка на високиот комесар на бегалци на ОН со заедничка акција на Министерството за правда преку која се работи на идентификување на овие лица. Во моментот се идентификувани 800 луѓе кои не се државјани на Македнија, како ни на друга држава во светот. Меѓутоа оваа акција продолжува, и сеуште не го знаеме точниот број. Повеќето од нив го имаат решено своето стамбено прашање и имаат доволно средства, но она што е за нив многу битно е документацијата. Кога тие ќе имаат еден документ кој што е основен, со кој што ќе можат да го докажат својот идентитет тогаш се еднакви со сите нас.

Колку самите „невидливи“ луѓе се всушност информирани дека имаат „проблем“ и дека тој може да биде решен?

Во невидливи граѓани спаѓаат сите луѓе, од питачи до просечни граѓани кои ги среќаваме секој ден. Најчесто не е дека тие не сакаат да го решат проблемот туку постојат правни бариери и пречки коишто не им дозволуваат на овие граѓани во Република Македонија да земат државјанство, исто како што е со останатите 12 милиони луѓе во светот. Најчесто се работи за луѓе во Македонија кои е наоѓаат затекнати тука уште по распаѓањето на Југославија, а не превземале ништо за да го изрегулираат својот престој. Други се оние кои уште од раѓање нивните родители не ги запишале во матичната книга на родени, па ако една генерација не ги запише тогаш се создава и следна генерација, па понатака уште една итн. И тој круг не прекинува.

Колку во Македонија се почитуваат човековите права?

Во Македонија имаме проблем со тоа што се нарекува владеење на правото и информираност на граѓаните за нивните права. Само како пример може да се земе бројот од околу 80 пријави за дискриминација во 2012 година и самото тоа кажува колку луѓето не се свесни за своите права. Постојат сите законски и правни механизми меѓутоа се е прашање на информираност и на владеење на правото.

Вие сте дел од Македонското здружение на млади правници, каква е вашата визија? 

Визијата е да ги обединува младите правници, да ги обучува со цел да се стекнат со вештини, со цел да работат на промоција на човековите права и принципот на владеење на правото. Ова здружение од 2003 работи на промоција на човековите права. Ние и нашата организација генерално преку правни механизми се обидуваме да дадеме правна заштита на одредени категории на луѓе. Областите во кои што имаме најголем успех во моментов е кај лицата без државјанство, лицата кои што се бегалци кои што бараат азил, заедно со лицата корисници на законот за бесплатна правна помош финансиран од Министерството за правда. Работиме на слободата за пристапот на информации и ние сме една од организациите кои го иницираа носењето на овој закон и исто така во делот на дискриминации.

Сара Миленковска