[Интервју] Via Adriatica: Со велосипед низ цел Јадран

Via Adriatica е турата долга 1337 километри што ја извозија со велосипед Војислав Гушевски и неговите пријатели Горан Величковиќ, Благоја Пецевски, Гоце Глигуровски и Мартина Николовска. За десет дена тие поминаа низ јадранското приморје стекнувајќи искуство и спомени, кои како што велат не може да се постигнат со автомобил.

„Идејата за Via Adriatica ми се роди пред години, откако започнав сериозно да се занимавам со туринг (повеќедневна тура). По различните тури низ Германија, Словенија, Италија, Грција, Србија, желбата за тура по Јадранот беше примарна цел. Од дома слушав цел живот за убавините на југословенското приморје кое мојата генерација не можеше да го види. Желбата стануваше се поголема, а планот за турата чекаше во фиока се до вистинскиот момент за остварување“, вели Војислав за Радио МОФ.

Неговата идеја била да се запознае со тамошните убавини и секојдневие.

„Започнавме во Љубљана, величествен бисер на словенечката престолнина, пројдовме низ Опатија,Ријека,Задар, Сплит,Омиш, Шибеник, Макарска, босанскиот Неум, Дубровник, Херцег Нови, Будва, Бар во Црна Гора како и низ копнените градови на Албанија, Лежа, Тирана и Елбасан. Сите од нив различни. Сите од нив приказни за себе. Сите од нив со свое мени за авантура. Јадранот, пак, поминат со велосипед нуди многу повеќе искуство и спомени, од поминат со автомобил. Секој километар има своја карактеристика и убавина. Нешто што со автомобил е неприметливо за гледање“, раскажува Војислав.

За овие велосипедисти подготовките за турата не биле проблем бидејќи секој од нив има повеќегодишно искуство.

„Најбитно беше одлично да ја познавам трасата по која би се движеле и луѓето кои би ме прателе на турата, односно нивната психофизичка спремност за вакво нешто. Сето друго е рутина. Одредувањето на места за преноќување беше доста напорен дел. Најпрвин мора да се одреди дневна траса која мора да се помине, со пресметана километража која не смее да биде пренапорна од ден за ден, туку прифатлива за телото во летни временски услови. Не е лесно секој ден да се вози 120 км со торби од 20ина кг на велосипедот. Покрај тоа, на 35+ степени. Кога ги средив дневните планови од рутата, другото беше рутина“, појаснува Војислав.

Според него, најголем предизвик бил контактот и комуникацијата со сопственото тело и одржувањето на добрата и позитивна хемија помеѓу учесниците на турата.

„Во услови кога телото многу се истоштува мора да се испочитуваат неговите основни потреби. Внесувањето на задоволително количество на вода и потребната храна беше на прво место“, забележува тој.

„Вода немаше да се купи и најде насекаде, па моравме да бидеме супер внимателни. Околу храната немавме поголеми проблеми. Пазаревме речиси оброк за оброк, внимавајќи храната да биде и калорична и заситувачка, истовремено и лесна и вкусна. Значи јадевме разновидно и креативно“, додава.

За Војислав, одржувањето на позитивна групна динамика е секогаш предизвик.

„Како професор по германски го знам тоа од работата со учениците и студентите. Секој со свои желби барања и потреби. Кога ќе се дојде до ниво групата да функционира како еден тогаш може да се прават незаборавни авантури. Мислам дека успеавме во тоа“, смета тој.

„Запознавањето со луѓе во текот на патувањето е посебна приказна“, продолжи да раскажува тој.

„Сите различни. Различни менталитети, јазици, дијалекти, сфаќања, навики, стилови на живеење… Во Словенија повеќе прашуваат како е кај нас на Југот и делуваат официјално. Во Хрватска се пријателски и супер љубезни и знаат како да ти го извлечат денарот од паричникот, во Црна Гора и Албанија многу слично на нас, многу зборуваат, уживаат, се фалат, јадат, пијат, се дружат…. Меѓутоа сите пријателски расположени и со позитивен пристап. Многу од нив не угостија, не поканија дома на оброк и преноќување, не упатуваа каде да се движиме полесно…прекрасно искуство“, објасни Војислав.

Кога се работи за односот кон велосипедистите, тој вели дека Словенија е убедливо пред сите останати на Балканот. Оваа држава има патеки и стази за велосипедисти веќе години наназад, а точакот е имплементиран во секојдневието како нужно превозно средство и се користи масовно.

„Улиците им нудат на возачите на велосипедот безбедни и практични услови за движење. Во Хрватска е слично, но далеку понемасовно. Јадранската магистрала и не е идеалната локација за движење со велосипед поради големиот број на возила, но со оглед на тоа дека повеќето се со германски и италијански регистарски таблички, движењето има убав проток и возачите се почитуваат. Во Црна Гора и Албанија е вистински хаос. Црна Гора пред се поради пренатрупаните возила на туристите и малиот простор за движење, а во Албанија се забележува веднаш недостатокот на регулирано асфалтно покривање како за возилата, така и за пешаците и велосипедистите. Во Будва, Бар и Тирана едноставно е невозможно да се движите со велосипед“, забележал Вјослав за време на турата.

Тој вели дека движењето со велосипед, како и дружбите, пријателствата и авантурите кои се кројат на ваквите тури имаат нешто посебно во нив. Нешто што поврзува.

„Ова се едни од нештата кои траат и се паметат цел живот. Ова не се класични одмори и дружба. Овде се сите заедно за секого. Во добро и лошо, во топло и ладно. На гладно и сито. Ноќе и дење. Заедно. Со велосипед. На авантура која заедно ја создаваат. Доколку размислувате за вакво нешто а не се осмелувате, едноставно пробајте го велосипедот, дајте му шанса. Само храбро. Ќе ве однесе на места какви не можете да замислите“, смета Војислав.

Емилија Петреска