[Интервју] Веса Палоши Букла: Има големи предизвици за уметниците во Македонија

[Интервју]Веса Палоши Букла: Има големи предизвици за уметниците во Македонија„Паунот како симбол на љубовта и трајното“  е насловот на првата самостојна изложба на ликовниот уметник од Тетово, Веса Палоши Букла. Дипломскиот труд на оваа сликарка, преработен и надграден, беше претставен во Уметничката галерија во Тетово.  Таа е активна е во невладиниот сектор како претседател на Друштвото на екологисти од Тетово. За нејзината прва изложба, амбициите, нејзините погледи за уметноста Палоши зборува во интервју за Радио МОФ.

 

Од каде ви се роди идејата професионално да се занимавате со сликарство?

Сликарството ми беше хоби уште пред да се запишам на факултетот за ликовни уметности на Државниот тетовски универзитет. Во основното училиште ги покажав првите афинитети кон уметноста и понатаму учествував на неколку колективни изложби во училиштето и надвор од него со поддршка на мојот тогашен наставник. Иако средното образование го продолжив во друг правец, подоцна повторно се вратив на мојата прва љубов како студент по сликарство. Од тогаш па наваму, некогашното хоби прерасна во професија.

Кој жанр најчесто го негувате и од каде ја црпите инспирацијата?

Почнав со цртање и сликање, а понатаму ја научив и техниката по графика. Дел од моите творби се  изработени со графички дизајн. Кон крајот на студиите интензивно започнав со сликарство на кое сум посветена и денеска. Во сликарството еден предмет како инспирација може да се интерпретира на било која насока(сликарство, графика) или да се бара формата и да се покаже најдоброто. На мојата прва самостојна изложба ќе биде прикажан паунот како симбол на љубовта и трајното прикажан со елементи на експресионизам, реализам, апстрктизам. Можеби ќе звучи клише, но уметниците па така и јас, најчесто инспирацијата ја црпам од  секојдневните активности. Инспирацијата може да дојде преку ден, пиејќи кафе со пријателите, гледајќи филм, слушајќи музика, од глетка во природата, односно инспирацијата доаѓа од најмалите нешта, па до најголемите работи кои можеби не ги забележуваме.

Лесно ли е да се биде уметник во Тетово и воопшто во Македонија, колку уметниците овде имаат можност да се докажат?

[Интервју]Веса Палоши Букла: Има големи предизвици за уметниците во МакедонијаИма големи предизвици, има можности и во Македонија за уметниците, но тие повеќе имаат амбиции да се пласираат надвор од државата. Во Македонија многу малку се застапени уметниците критичари кои најчесто се универзитетските професори кои не се целосно подготвени за таа одговорност. Тргнувајќи од тој факт, автоматски покажува друг показател дека заинтересираноста на самата публика за уметност е многу мала. Можеби тоа е од економските причини и граѓаните не можат да купат некоја творба од некој академски сликар и ги купуваат комерцијалните слики по ниска цена. Донекаде можеби вкусот на публиката е проблем, но не би се согласила целосно со ова тврдење бидејќи има доста уметници во Македонија кои негуваат различни жанрови и може да се задоволи сечиј вкус на публиката.

Според вашето мислење, се вреднува ли професијата сликар во Македонија?

Тие кои што знаат да ја ценат уметноста, го поддржуваат и сликарството. Нашите изложби, дали тоа да се самостојни или колективни, се повеќе се посетени од граѓаните. Има одреден дел од луѓето што не ја разбираат самата уметност и не се заинтересирани за оваа област. Но поголемиот дел од луѓето им е интересно кога се запознаваат со некој уметник и ги рушат мислењата дека уметниците живеат во некој си друг свет. Уметниците вклучително и сликарите се обични луѓе, но разликата е во тоа што ние како сликари можеме да направиме нешто што некој друг не може да го направи бидејќи секој си има дарба за одредена работа.

Дали до сега имате учествувано на изложби? Каде и од каков тип на изложби сте учествувале?

До сега имам учествувано на многу колективни изложби во Тетово, Македонија, Косово, Приштина со амбиција да се претставам и во другите соседни држави. „Паунот како симбол на љубовта и трајното“ е моја прва самостојна изложба. Претходно имам организирано две години по ред заедно со Форумот на жени Албанки и Македонки, изложба по повод денот на жената 8-ми март, а неколку пати се имам претставено на колективни изложби во уметничката галерија во Тетово.

„Паунот како симбол на љубовта и трајното“ е ваша прва самостојна изложба. Што имаа можност тетовчани да погледнат?

[Интервју]Веса Палоши Букла: Има големи предизвици за уметниците во МакедонијаТемата на мојата прва самостојна изложба е паунот како симбол на љубовта и трајното. Птицата во многу култури се претставуваат како чиста божествена љубов и сон помеѓу небото и земјата. Во народните антички верувања пак, птиците биле симболи на бесмртноста. Пред се паунот има горд став, особено шарените пердуви кои симболизираат пространство и слобода. Сето ова ги претставува моите амбиции, моите чекори, гледишта како сликар, но и како личност. Повеќето од моите, над 20 творби на оваа изложба, се определени со сини бои кои се во тон со употребените форми на платната и во секоја слика има своевиден сегмент на паунот. Поголем дел од сликите се со метафизички квалитети како последица на моето внатрешно доживување.  Ја одбрав сината боја бидејќи ја симболизира сериозноста, верноста, интелигенцијата, смиреноста. Техниката кога се користи е комбинација на акрил со масло и дел техниката колаж. По претставувањето во Тетово, истата изложба планирам да ја претставам во Скопје и надвор од Македонија.

Бобан Костадиновски