Колку се привлечни платените стручни пракси во странство за студентите од Македонија и кои дестинации се најатрактивни? На оваа тема разговаравме со Ивана Трајковска од ИАЕСТЕ Македонија, меѓународната организација за размена на студенти од техничките факултети, која веќе 23 години е активна во оваа област во земјава.
Кој е начинот на кој студентите можат да стигнат до стручна пракса во странство преку вашата организација?
Сè што треба е да го видат конкурсот кој што оваа година започна од 20-ти февруари и сè уште е во тек, да ги разгледаат понудените пракси, да изберат една од нив, да се пријават за конкретната пракса и да ги достават потребните документи кои се опишани на нашата страна (мотивационо писмо, CV, уверение за редовен студент, уверение за положени испити и сите сертификати кои би им помогнале за праксата). Потоа ИАЕСТЕ ги доставува тие документи до конкретната земја која ги препраќа до работодавецот и потоа чекаме одговор – дали е тој примен или не. Во секоја земја каде аплицира студентот има одреден комитет кој се грижи за него – за неговото пристигнување, сместување, различни екскурзии за време на неговиот престој таму. Така што во тој поглед е обезбедена поддршка.
Како функционира оваа размена на студентските стручни пракси?
Ние имаме кампања, наречена „job raising“, која се одвива во периодот пред јануари и трае неколку месеци, во која контактираме македонски компании и ги собираме тие македонски пракси. Конференцијата се одржува секоја година во различна земја на која ги разменуваме тие пракси со различни земји. Откако ќе се вратиме од таа конференција се распишува конкурсот за аплицирање на пракси и студентите можат да аплицираат, најчесто аплицираат во летниот период, но може да биде и некој друг период од годината – ако се слободни или имаат празен семестар.
Кои дестинации се најатрактивни за студентите?
Засега интересот е најголем за Европа, затоа што со овие пракси се отвора и можност за работна позиција понатаму, по нивното дипломирање. Па, би ги издвоила како најатрактивни Швајцарија, Австрија, Германија, па и Полска и Шпанија. Но, има и многу авантуристи кои сакаат да отидат некаде подалеку, како Индија, Тајланд, Бразил, Аргентина и слични егзотични места. Секоја година најмалку 5 луѓе одат на такви места и имаат одлично искуство, нешто поинакво и од Македонија и од Балканот и Европа.
Дали платата на практичната работа во странство се одредува според критериуми на ИАЕСТЕ или на компанијата?
Платата за секоја пракса е предвидена да ги покрие трошоците на практикантот за неговото време таму. Односно да може да си го плати сместувањето и да има доволно пари за основните потреби во државата во која се наоѓа. За секоја земја е пресметана просечната минимална плата, за да може студентот да ги подмири основните трошоци таму, но многу често таа знае да отскокнува од таа минимална просечна плата во зависност и од тоа како ќе се покаже студентот – може да добие дополнителен процент и слично.
Какви се впечатоците на студентите кои се решиле да заминат на пракса во странство?
Секоја година има некоја различна приказна. Доаѓаат многу алумни членови кои ги споделуваат своите искуства и слушаме најразлични приказни за тоа како отишле на пракса некаде и компанијата ги довела до различни конференции каде се запознале со некои други луѓе, после дипломирањето ги контактирале, се вработиле и многу голем дел останале и да живеат таму. Дефинитивно се отвораат перспективи, особено за студентите во последната година на студии, кои веднаш по нивната пракса дипломираат и можат да ја продолжат нивната кариера.
Каков е интересот кај студентите?
Интересот да се види нешто ново, надвор од земјава е очигледен. Секој од нас сака да прошета, да види нешто ново и да искуси нешто подобро од тука. Дали ќе се врати или ќе остане таму – тоа останува на студентот, но, можам да кажам дека интересот секоја година се зголемува. Преку овие пракси студентите имаат можност да отидат или на универзитети или во компании. Со одењето на универзитет можат да се остварат понатамошни контакти за мастер студии или работа на некое истражување што подоцна ќе им значи многу за нивното CV. Додека во компании, се отвора можност за понатамошна работа и градење кариера во таа компанија – така што интересот за одење во странство е навистина голем.
Подолу можете да го слушнете целосното интервју со Трајковска емитувано на РадиоМОФ
Даниел Евросимоски