[Интервју] Томи Бојаџи: Скопје има верни љубители на електронската музика

[Интервју] Томи Бојаџи: Скопје има верни љубители на електронската музикаСкопјани сеуште ја сакаат електронската музика,  смета диџејот и промотор, Томи Боjаџи од промоторско-продуцентска куќа, „Пјурсоул“. Во интервју за Утрински весник, тој дава оценка за сцената во земјава, ја најавува музичката легенда од деведесетите Јори Халконен кој вечерва (19 октомври) настапува во Капан ан.

Како особено активна промоторско-продуцентска куќа, „Пјурсоул“ постојано изненадува со организирани гостувања на извонредни музички имиња. Како успевате во тоа?

Скопје е град кој се’ уште има значителен број на вистински љубители на електронска музика. Тоа е публиката која е репер за настаните кои ги правиме, па кога и’ се обраќаме како промоторска куќа, внимаваме на изборот на артистите. Се обидуваме да и’ го погодиме пулсот. И по настапите на Мајк Хакаби (Детроит САД), Кунијуки Такахачи (Сапоро, Јапонија), Дејвид Алварадо (Лос Анџелес, САД) мислам дека „Пјурсоул“ и публиката одлично соработуваа.

Што не’ очекува оваа сабота во Капан-ан?

Јори Халконен е музички генијалец. Многу луѓе во Македонија ја сакаат неговата музика уште од раните деведесетти години. Тој е повеќе од 20 години на оваа сцена и важи за еден од најиновативните и најшарените продуценти на планетава, секогаш храбар да експериментира со музиката. Неговите албуми ги издаваат светски познатите дискографски куќи, а под етикетата на француската дискографска куќа на Лорен Гарние, „Ф комуникации“ има издадено 10 албуми. Соработува со бендови кои продуцираат разни музички жарнови и настапува со нив низ целиот свет. Неговиот проект „Ејсид симфони оркестра“ често е предгрупа на „Крафтверк“. Минатата година во Берлин се уверив во неговите диџејски квалитети, каде што воедно и се запознав со него и на подиумот заклучив дека Јори треба конечно да дојде во Скопје.

Како реномиран диџеј, како ја оценувате македонската музичка сцена?

Домашната сцена не е профилирана: поп, рок, џез, хипхоп, електронска музика, турбофолк… Некако се’ е во ист кош. Публика е се’ уште во развој. Вистинска мотивација за нас промоторите е лојалната публика која не’ пропушта настан и покрај тоа што економската ситуација е лоша, а медиумската и спонзорската поддршка за концертите на електронска музика и домашните изведувачи е многу мала, дури и да не постои. Почетокот од 2000 во Скопје можеше да се најдат повеќе угостителски објекти кои го негуваат твој звук, па и публиката растеше. Сега веќе не е така. Но се надевам дека ова е само период кој брзо ќе помине.