[Интервју] ТетовоНаТочак: Направивме промена во градот

Пред 10 месеци, поттикнати од иницијативата НаТочак,која веќе беше активна во Скопје, се појави неформалната група на велосипедисти ТетовоНаТочак, која нна 21 декември ќе го организира деветтиот настан „Критична маса“ во Тетово.

Во интервју за Радио МОФ, Светлана Силјаноска од ТетовоНаТочак објаснува зошто се формираше неформалната група и која е целта на нивните акции.

[Интервју] ТетовоНаТочак: Направивме промена во градот

Пред неколку месеци се појави иницијативата ТетовоНаТочак. Што првично ве мотивира да формирате ваква група во Тетово? 

Самата иницијатива беше инспирирана од НаТочак, неформална група велосипедисти од Скопје со кои имаме одлична соработка и меѓусебна поддршка, но исто и од „Критична маса“ движењата кои се познати ширум светот. ТетовоНаТочак е неформална група на ентузијасти, заљубеници во велосипедизмот, кои своите велосипеди ги користат рекреативно, но и како секојдневно превозно средство. Јасно е дека секојдневното користење на велосипедот си има свои предности и предизвици кои се главна мотивација и за формирање на оваа неформална група.

Која е целта на иницијативата и зошто одбравте да спроведувате токму вакви акции?

Целта на оваа иницијатива е подигање на свеста кај нашите сограѓани, за придобивките од користењето на велосипедот, односно дека секојдневното користење на велосипедот е поеколошко, поздраво и секако побрзо, особено во секојдневните сообраќајни гужви. Со секојдневното користење на велосипедот штедиме она гориво, но исто така го зголемуваме и дружењето, додека се грижиме за нашата животна средина. Една од битните цели на оваа иницијатива е и вршењето на своевиден притисок врз локалната самоуправа за воспоставување на велосипедска инфраструктура, односно велосипедски патеки и велопаркинзи, како би се обезбедиле услови за секојдневно непречено користење на велосипедот.

Потешкотиите со кои секојдневно се соочувуаат велосипедистите во Тетово се ужасни и потенцијално животозагрозувачки, а подобрувањето на оваа слика е од интерес и на велосипедистите, но и на самата општина, особено што директно и индиректно придонесува за намалување на загадувањето, кое е на вознемирувачко ниво во нашиот град. За оваа цел ТетовоНаТочак секоја втора сабота во месецот организира „Критична маса“, настан од кој ние и нашите сограѓани, велосипедисти и подржувачи, на симболичен начин ја праќаме оваа порака, возејќи групно по најпредизвикувачките улици на градот. Секоја #КМ (критична маса) има посебна тема и праќа порака за посебен проблем.

Колку добивате поддршка од тетовчан? Ја разбираат ли тие иницијативата, има ли вклученост на младите?

Многу ни е мило што секој месец имаме нови поддржувачи, кои се на најразлична возраст. Тоа значи дека нашите сограѓани веќе ја препознаваат реалната потреба од акција за зачувување на нашата средина и градот во кој живееме. Она што нам ни преставува особено задоволство е тоа што на нашата заедничка велосипедска рута ни се придружуваат најмладите кои се дури и претшколска возраст, но заедно со нас вози и постарата генерација, што дава прекрасна слика на една заедничка љубов кон велосипедот која не познава категоризации. Не радува што младите ја подржуваат оваа иницијатива и што се вклучуваат во неа со голем ентузијазам.

[Интервју] ТетовоНаТочак: Направивме промена во градот

Месецов работите активно на неколку еколошки акции. За што се работи ?

Овој месец акциите кои ги преземаме се во еколошки, но истовремено и во хуманитарен дух . Тоа се серија на акции кои се поврзани меѓу себе, а имаат цел да ја подигнат свеста во контекст на рециклирање, но и во добротворен контекст. Првите активности кои ги презедовме беа прибирање на пластичен отпад кој може да се рециклира, односно да се предаде во откупните центри во близина на Тетово. Нашата идеја не беше да го даваме отпадот на откуп, иако постои таква можност, туку да го искористиме за изработка на уметничко дело од отпадни рециклирачки материјали со кое би учествувале на награден конкурс во Скопје. Откако се прибраа доволно рециклирачки отпадни материјали започнавме со изработка на делото, кое во нашиот случај секако е велосипед.

На наше големо задоволство, точакот е завршен и се подготвуваме да го изложиме според правилата на конкурсот, а доколку се освои паричната награда, прибраните средства одат во добротворна акција на обезбедување новогодишни пакетчиња за децата со пречки во развојот и деца со посебни потреби. Иако постои можност да не се освојат средства, нашата хуманитарна акција продолжува и кон крајот на месецот секако дека ќе ги израдуваме децата кои малку се подзаборавени на маргините во општеството и ке обезбедиме новогодишни пакетчиња кои ке им ги донеат Дедо Мразовци на велосипеди. Затоа и нашата Критична маса за овој месец се вика „Дедо Мраз на точак“. Освен овие активности секако на 21-ви овој месец се вози Критичната маса која овој пат ја возиме симболично на помала рута и со дедомразовски капчиња.

Кои се предизвиците и наредни планови на Тетово на точак?

Главната поента на сите активности преземени од страна на ТетовоНаТочак е многу едноставна. Со оглед на тоа дека ова е неформална иницијатива која не е невладина нити пак бизнис организација, не е проект на некоја амбасада и никакви надворешни финансии не циркулираат низ неа, а прави активности кои праќаат определена порака, јасно е дека крупната слика која треба да се создаде е дека сепак можат да се постигнат резултати иако можеби условите за истите не се перфектни или во нашиот случај се непостоечки. Ние не гледаме на предизвиците како пречки, туку како мотиватори, бидејки иницијативата не е профитно ориентирана, туку ентузијастички и со заедничка цел. Подршката која групата ја добива е исклучиво морална и од страна на нашите сограѓани што за нас е и повеќе од доволно, за да продолжиме со нашите активности понатаму.

Бобан Костадиновски