[Интервју] Теофил Панчиќ: Лесно е на гладен народ да му продавате митови

Фото: Утрински весник

Фото: Утрински весник

Теофил Панчиќ е познат српски новинар, колумнист и критичар, кој пишува во моментов во неделникот „Време“. Објавува критички и аналитички текстови и во голем број други весници, магазини и портали во Србија и други поранешни југословенски републики, како „Наша борба“, „Република“, „Глобус“, „Дани“, „Сарајевске свеске“, „Дневник“, „Независни“, „Војводина“, „Побједа“, „Монитор“…како и во публикации во САД, Русија и други европски земји. Бил уредник на неделникот „Време“ и работел како политички коментатор на радио „Слободна Европа“. Добитник е на повеке новински награди, како и за храброст. Има објавено неколку книги. Роден е на 6 јули 1965 година во Скопје. Живеел во Пирот, Загреб, а сега во Земун и во Нови Сад.

Господине Панчиќ,би сакала да почнеме со еден интересен податок што го сретнав во Вашата биографија, а тоа е дека сте роден во Скопје. Која е врската со нашиот град?

Можеби е уште поинтересен податокот дека јас сум прв пат во Скопје од како сме се отселиле, кога сум имал 3 години. Само еднаш бев во Скопје на неколку дена, кога имав 12 години, но ништо не се сеќавам. Денес во авионот ме прашува едно момче, кое што седеше до мене, дали често доаѓате во Скопје, а јас му одговорив: Не. Прв пат доаѓам после 35 години. А, тој имаше околу 25 години, и ми вели: а, па тогаш уште Тито бил жив! Му реков, да… беше жив.

Да, роден сум во Скопје, мојот татко беше офицер на ЈНА, кој беше тука на служба од крајот на педесеттите години и почетокот на шеесеттите. Тука се оженил со мојата мајка која што е Србинка и тука дошла во посета на сестра и’, која исто така, била офицерска сопруга. Се запознале и венчале во 1963 година, непосредно пред земјотресот. Значи, земјотресот го преживеале во Скопје, но за среќа не настрадале. Две години подоцна јас сум се родил, а во 1968 година во времето на познатата „чехословачка криза“, кога СССР ја нападна Чехословачка, татко ми доби прекоманда во Пирот, на бугарска граница. И така се отселивме од Скопје, а бидејќи немаме овде роднини, а ни работите не ме водеа наваму, не сум бил во Скопје неверојатно долго. А, Скопје ми е роден град. Податок во мојата биографија, што не може да се избрише. Сега добив прилика да го запознам својот град.

Кога го замолив еден мој белградски колега да ми помогне да стапам во контакт со Вас, тој Ве карактеризираше на ваков начин: „интересен самотник, свој, го сака новинарството, чита како луд“. Колку овие особини навистина Ве опишуваат?

Иако е неблагодарно да зборувам сам за себе, мислам дека колегата добро ме опишал и не би имал што да додадам. Точно е дека читам од мал како луд, не само весници, туку и книги. Тоа е мојата голема страст и од неа се роди желбата за пишување. Кога кажувам што работам, јас напросто велам дека се занимавам со пишување. Не кажувам дури ни со новинарство, иако во добар дел пишувам колумни, коментари, рецензии ,книги.

Што ве тера да останете во новинарството? Не ли ви доаѓа некогаш да го напуштите?

Мене ми е секогаш преку глава од него, особено во последните 20 години. Јас сум многу резигниран, огорчен. Мислам дека состојбите се лоши во новинарството, дека луѓето се ужасни, дека многумина се компромитираа на различни начини. Но без оглед на моето незадоволство и горчина, јас сепак, базично, суштински, го сакам тоа што го работам. Тоа е навистина моја страст. Често велам не би требало да се занимавам со оваа работа. Вчера пишував текст за „Време“ по повод добивањето на некоја награда и реков кога повторо би почнувал и би можел да се вратам во младоста, не би го работел ова. Би бил некој месарски помошник во Завидовиќи. Но, тоа е претпоследната реченица од текстот. А, последната завршува со тоа: немојте да ми верувате, кога тоа го велам, бидејќи тоа е само чувство.

Имате ли чувство дека тоа што сакате да го пренесете како порака допира до некого, може нешто да промени?

Колку сум постар, се’ помалку верувам дека има смисла. Но, без оглед на се’, јас не можам и незнам да живеам поинаку. Јас размислувам и живеам низ пишувањето, низ речениците. Некои луѓе кои гледаат на тој општествен активизам се разочарани и се прашуваат дали тоа допира до некого. Јас секогаш велам: не, јас не сум политички активист. Јас не го менувам светот. Го менувам текстот. Ако тој текст, да кажам патетично, го менува светот и општеството, тоа е одлично. Но, тоа не е мојата базична намера, туку да ги искажам сопствените мисли и чувства и мојот однос кон она што се случува во општеството. Не сум незадоволен од фактот што светот не е уреден, токму онака како што јас би сакал.

Зошто балканските народи, иако има и други, имаат потреба да го прескокнуваат блиското минато, да се враќаат назад со векови и да слават некое далечно, херојско минато?

Незнам дали народите или политичките елити тоа го прават, а делумно и интелектуалците. Тие ја произведуваат и хранат таа митоманија, а политиката ја користи. Лесно е да се митологизира нешто што наводно се случило пред 200, 500, илјада години. Нема живи сведоци, пишаните документи се многу скудни и можеме да пишуваме и кажуваме што сакаме. Лесно е тогаш да се создаваат легенди, да се потпалува некаков нарцизам во масите. На некој човек што тешко живее, невработен е, лошо платен, има безброј причини да биде незадоволен, да му велите: да, се’ е тоа така, но ти си припадник на едно славно племе, потекнуваш од библиски народ. Тоа е начин со кој се манипулира со луѓето.

Можеби е незгодно да споредувам, но сетете се што правеше еден Хитлер. Тој им велеше на луѓето – вие сте чиста раса, стари Германи, раса на господари на која што сите други треба да им служат. Тоа е еден механизам кој што е често пати користен низ историјата. И луѓе кои се очајни, или недоволно образовани, тоа лесно го примаат како еден вид утешна награда. А, за тоа време, додека тие се гордеаат со своето крајно сомнително племство, „сериозните играчи“ купуваат, продаваат, крадат, се богатат, обезбедуваат цели династии. Јас обично велам, кога ќе чуеш дека некој многу зборува за патриотизмот, брзо скриј си го паричникот, бидејки тој тргнал да ти го земе!

Гордана Дувњак

Целото интервју може да го прочитате во Утрински весник.