[Интервју] Студенти од ФИНКИ изработија апликација што ќе им го олеснува учењето на децата со Даунов синдром

Ива, Давор и Марија од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје за дипломска задача решиле да направат апликација која ќе им помогне на децата со Даунов синдром полесно да учат, памтат и да се развиваат.

Ива Михајловска неодамна го претстави својот дипломски труд со нејзиниот дел од апликацијата кој треба да им помогне на овие лица полесно да ги научат буквите. Во разговор за Радио МОФ вели дека најтежок дел им бил да го смислат концептот, па затоа истражувале со месеци, додека изработката на апликацијата траела месец и половина.

„Избери ја сликата што почнува со буквата А … Браво“, се слушна додека ја Ива демонстрираше алатката. Гласот од апликацијата е всушност нејзиниот, ни откри таа.

Почетната страна на апликацијата

Нејзиниот дел од апликацијата има буквар со стотини поими, со можност за негово надополнување, а можат и да вежбаат пишување на буквите. Покрај ова, има и забавен дел кој низ игра овозможува повторување на материјалот што го учеле.

„Децата со Даунов синдром имаат многу добра визуелна перцепција и затоа мора да ја гледаат сликата и да го слушнат звукот. Така многу подобро ги памтат работите“, посочи Ива.

Но, игрите и лекциите кои таа ги смислила не даваат поени и оценки. Ива сака да ги поттикне децата постојано да се обидуваат.

На оваа апликација работела цел семестар, но ова не е нејзино прво искуство со вакви мобилни алатки. За време на нејзината „Еразмус“ размена во Љубљана работела на апликации специјализирани за аутистични деца.

Нема доволно специјализирани апликации за едукација на македонски јазик

За да го добијат конечниот резултат истражувале на интернет, но и го консултирале експертот Олга Самарџиќ Јанкова, која ги упатила и запознала со комерцијални софтвери за деца со Даунов синдром и алатката по која што е изработен овој софтер. Голема поддршка во целиот процес добиле и од нивната менторка проф. д-р Катерина Здравковa.

Давор работел на игри за меморија користејќи ги поимите од апликацијата на Ива, додека Марија ги учи на бројки. Но, сфатиле дека аритметичките знаци како „+“ и „-“ за децата со Даунов синдром не значат ништо, па затоа вежбите се повторно со аудио и математички форми.

За време на истражувањето забележале дека речиси и да нема софтвер за едукација на лицата со попреченост на македонски јазик.

„Од тоа што пребарував бев запрепастена што во другите држави министерствата за здравство и фондовите имаат одвоено за секое дете да може да добие асистивни технологии или алатки. Тоа кај нас нема“, вели Ива.

Тие што ги има на странски јазици, пак, чинат многу, посочи таа.

„Нашата апликација ќе биде бесплатна. Планираме на Play store да ги обединиме сите три заедно за да биде како цела една функционална и тоа треба да се случи набрзо. Чекаме Марија да ни дипломира наредна недела“, додаде таа.

За Ива целиот процес на истражување бил интересен – да се осмислат и изведат инструкциите на начин што ќе биде разбирлив и лесен за децата.

„Со оглед на тоа што имаше многу мал број на вакви апликации, идејата дека лицата со Даунов синдром навистина немаат проблем со технологија и ти можеш да им помогнеш преку користење на таблет или телефон, беше супер. Можеме со ова да направиме нешто, за овие деца да имаат некоја алатка која ќе ја користат за учење“, верува таа.

Нареден чекор им е да ја презентираат апликацијата пред децата со Даунов синдром во новоотворениот центар во Скопје. Тоа ќе им биде реален показател дали успеале во намерата, или ќе мора да ја адаптираат дополнително.

„Преку ноќ нема да има многу вакви апликации, ама барем да се земат предвид и да се разгледаат како идеи и можности, затоа што има огромен број на фирми кај нас кои работат на апликации за деца, за игри за деца, но ретко се специјализирани за деца со какви било попречености. А асистивните технологии навистина помагаат“, порача Ива.

Емилија Петреска

*На 11.07.2019 текстот е надополнет со имињата Олга Самарџиќ Јанкова и Катерина Здравковa.