[Интервју] Стефан Алексиќ избран за еден од најдобрите странски студенти во Шведска за 2018 година

Осма година по ред, Министерството за надворешни работи и Шведскиот институт ја организираат манифестацијата „Global Swede“,  на која годинава, меѓу дваесетте наградени студенти од 17 држави, се вброи постдипломецот од Македонија, Стефан Алексиќ. Наградата се доделува на странски студенти во Шведска кои имаат извонредни резултати при студирањето во делот на иновациите и претприемништвото, и кои се достојни претставници на своите држави во Шведска.

Алексиќ кој на студии во Шведска замина пред две години, во интервјуто за Радио МОФ зборува за значењето на оваа награда, го опишува студентскиот живот во Шведска и раскажува множностите кои ги нуди шведската диплома.

Utrikesdepartementet / Swedish MFA

Добитник сте на наградата за еден од најдобрите странски студенти во Шведска за 2018 година. Што беше пресудно за еден македонски студент во Шведска да го добие ова престижно признание?

Наградата ја доделува шведското министерство за надворешни работи заедно со Шведскиот институт и целта е да им се оддаде признание на исклучителни интернационални студенти во Шведска. Јас не знаев дека ваква церемонија воопшто постои и бев малку збунет, бидејќи известувањето дојде еден ден откако ми кажаа дека сум одбран за најдобар студент на катедрата за компјутерски науки на Универзитетот Линеус каде што ќе магистрирам. Најпрво не бев сосем свесен за што се работи, или пак дека добивам признание на ниво на целиот универзитет, доделено од државата. Бев информиран дека сум одбран заради солидниот академски успех, но и сите дополнителни проекти, истражувања, практична работа, хакатони, како и научни трудови во кои учествувам.

По завршувањето на Машинскиот факултет во Скопје, одлучивте да продолжите на постдипломски студии во Шведска. Колку сте задоволни од студиите и од она што го добивте како знаење од Универзитетот Линеус?

Кога дипломирав на Машински Факултет, немав некоја конкретна идеја за тоа каде и како ќе го продолжам своето образование, бидејќи моите желби во извесна мера се разликуваа од она што го студирав на факултетот (Индустриски дизајн) како и од она што го работев во тој момент како дел од Младински Образовен Форум и Радио МОФ. Сепак решив да се обидам и аплицирав на Политехнико во Милано, во насока на продолжување на она што го студирав, и на Универзитетот Линеус во Шведска на програмата за Веб технологии, која пак е повеќе во доменот на компјутерските науки и се фокусира на развивање на веб и мобилни алатки и решенија кои ја олеснуваат интеракцијата на човекот во онлајн светот. Иако ме примија и на двата универзитета, сепак се одлучив за малку ризичен потег, да го продолжам своето образование во сфера која беше надвор од мојата зона на комфор. Верувам дека не погрешив, затоа што добив можност да стекнам знаења и вештини кои на нашите програми само делумно се нудат, но што е и поважно, имав можност директно да го аплицирам наученото преку истражувања, практична работа, натпревари…

Дали може да се направи споредба на начинот во студирање во Македонија и Шведска, кои се сличностите, и во што се најголемите разлики?

Првата и најголема разлика е што мојот мастер е истражувачки, јас не полагав класични колоквиуми или испити. За секој од предметите имавме задача да изработиме некаква апликација, со соодветна академски поткована документација и на крај презентација пред професорите и студентите со одговарање на прашања. На база на тоа колку е добро изработена задачата, документацијата, колку е решението апликабилно и иновативно – ги добивавме и оценките. Морам да кажам дека многу ми „легна“ овој начин на студирање, бидејќи ја поттикна мојата желба постојано да истражувам и да учам нешто ново, а морав многу да научам за да ги надоместам вештините од програмирање кои ми недостасуваа за одредени предмети. Дополнително морам да истакнам дека професорите и асистентите со кои работев беа секогаш отворени и достапни за консултација, помош, ресурси или било каква соработка. Тие стојат целосно на страна на студентите, во насока да им помогнат да го остварат својот потенцијал. Исто така, универзитот поседува огромна библиотека која ги содржи сите потребни ресурси, како и простории за учење, кафетерии итн. Сето ова на куп, навистина го олеснува процесот на учење, и го претвора самото учење и работа во задоволство, а не потешкотија.

Мислам дека после ова што го кажав, нема потреба да правам паралела со начинот на студирање во Македонија кој во најголем дел е се уште заглавен во други времиња. Не велам дека тој начин на студирање е лош, но дефинитивно не соодвествува на времето во кое живееме и начинот на кој ги примаме информациите, а уште помалку темпото со кое работите се менуваат, особено во областа на компјутерските науки.

Каков е животот на еден постипломец од странство во оваа северна држава? Дали стипендијата ги покрива реалните трошоци за живот и колку навистина се вложува во студентите?

Она што е интересно е што стипендијата воопшто не би ги покривала реалните трошоци за живот во Шведска – ако не сте студент. Но кога ќе погледнете подобро, сумата е до денар пресметана да ги покрие трошоците на еден студент, токму заради тоа што државата вложила навистина многу за на студентите да им е овозможено се што им треба за да можат да се посветат на студиите без да водат грижа дека нешто им недостасува. Уште на самиот почеток за секој интернационален студент беше организирано пречекување и превоз до кампусот, шведска сим картичка, еден куп памфлети кои беа клучни за да се снајдам, ваучери со разни попусти. Ова се навидум ситници, но не можам доволно да истакнам колку беа корисни за студент кој е далеку од дома во средина за која постојано се пропагира колку е ладна и осамена.

Во студентските домови се овозможени комплетно сите услови за да можете нормално да си функционирате, наспроти недостоинствените услови во кои живеат студентите во нашите домови. Студентски попусти се обезбедени за разни спортски и културни активности, на самиот кампус имате кафетерии и дискотеки по „студентски“ цени. Интересно за нив е што се одржувани од самите студенти, воглавно членови на студентските организации, тие се грижат за нив, работат како шанкери, вратари, обезбедување. Самото членство во студентските сојузи исто така си носи одредени бенефиции. Едноставно се си функционира како еден екосистем и секој студент без разлика од каде доаѓа, има можност да биде активен учесник во сите академски и социјални случувања. Имав можност покрај стекнатото знаење, да стекнам и пријатели од земји како Франција, Романија, Шведска секако, повеќе афрички земји итн, што дополнително го збогати моето искуство во Шведска.

Во моментов ја привршувате својата магистерска теза. За што се работи во неа, и што по дипломирањето? Кои врати ви ги отвора шведската диплома?

Со мојата магистерска теза пробувам да го мапирам нашето однесување на интернет во еден аватар. Целата на мојата теза е да истражам нов вид на визуелизација на податоци, каде што наместо користење на разни графици јас податоците ги преставувам преку фацијални експресии. Се надевам дека моето истражување ќе придонесе во полето на визуелизација на податоци. Сакам да му овозможам на обичниот корисник поедноставен начин на конзумирање на сопстените податоци. Бидејќи времето за истражување ми е ограничено, со цел да го докажам мојот концепт се ограничив и фокусирав на визуелизација на лични податоци од Spotify. (Ако сте корисник на Spotify може да го ѕирнете прототипот ТУКА).

Инаку, самото поседување на европска диплома обезбедува многу поповолна позиција на европскиот пазар на труд отколку нашата диплома, но секако сето тоа зависи од понатамошните индивидуални желби и интереси. Јас немам зацртано за цел по секоја цена да останам во Шведска и моментално ги разгледувам своите можности како во корпоративниот свет така и во академската средина. Би сакал да добијам можност стекнатите знаења да ги применам и на нашево поднебје. Она што можам со сигурност да го кажам е дека сум неизмерно среќен што имав шанса да стекнам квалитетно образование и при тоа да прикажам високо ниво на компетитивност со студенти кои доаѓаат од понапредни универзитети. Тоа само кажува колку неискористен капацитет лежи во македонските студенти и колку реформи се потребни во македонското образование за тие да можат максимално да го искористат својот потенцијал.

Ј.Ј.