[Интервју] Средношколците и нивните права

Димитар Низамовски е координатор на програмата Учиме право која дејствува во рамките на Програмата за неформално образование и е насочена кон едукација на младите за граѓанските, политичките и човекови слободи и права, демократијата и концептот на владеење на правото, правниот систем на Република Македонија, како и Европската Унија и процесот на евроинтеграција на Република Македонија. Во гостувањето во Незадолжителна лектира, Низамовски зборуваше за проблемите коишто ги засегаат средношколците и за тоа кои се нивните права. Радио МОФ пренесува дел од интервјуто, а целата емисија може да ја слушнете ОВДЕ.

Како тече процесот на добивање на оценка и што треба да направи средношколецот ако не е задоволен со оценката што ја добил?

Самото оценување е суштествен дел на образованието. Она што е карактеристично е дека постојат неколку видови на оценување. Оценувањето што директно се внесува во самиот дневник потекнува од неколку видови испрашувања: усмено, писмено, формативно (усен одговор од секој час) и сумативно (оценка за полугодие и крај на учебна година). Ученикот има право да постави прашање по самото испрашување за добиената оценка, да има увид во истата и да добие насоки како да го подобри својот одговор. Тој има право да добие повратна информација. За писмената форма на испрашување треба да се почека најмногу  10 дена за да се побара оценката. Оценувањето секогаш треба да биде јавно и транспарентно.

Што да направи средношколецот ако не е задоволен со оценката? Најважен е пристапот. Доколку сте фер, коректни и искрени кон професорите може веднаш да им пристапите и да побарате повторно да бидете испрашани и оценети,  секако тоа зависи од нивното расположение. Може да се поднесе и приговор до училиштето. Доколку сметате дека конкретниот професор има нефер став спрема вас се формира тричлена комисија пред која го полагате истиот предмет, истиот материјал.

Што е тоа педагошка мерка и кога се користи?

Педагошка мерка е одредена мерка или активност што се изрекува од страна на наставниот кадар кон учениците. Има одредени активности кои не се толерираат и затоа постојат овие мерки, кога некој ученик нема да се однесува како што треба, кога не го почитува училишниот кодекс, тогаш се изрекува педагошка мерка. Има писмена опомена, опомена пред отстранување и отстранување.  Најчеста е усмената форма односно прекорите од професорите за време на самиот час. Тука влегува и укорот којшто го изрекува класниот раководител.

Кои се училишните органи во рамки на едно средно училиште?

На ниво на средношколските образовни институции постојат неколку органи и секој си врши посебна и различна функција. Наставничкиот совет е составен од сите професори кои имаат одреден фонд на часови. Советот на паралелка е оној совет составен од предмети професори кои и предаваат на една паралелка.  Училишениот  одбор е орган кој има менаџерска функција. Во него влегуваат дел од професорите, дел од родителите на учениците, претставници од општината, министерство, бизнис заедницата. Постои и совет на родители каде се избираат неколку родители што ја претставуваат одредената генерација а на друга страна ги имаме учениците што може да се организираат на различни нивоа – средношколска заедница.

Што можат да сторат средношколците кога не се задоволни со работата на училишните органи?

Она што за жал се случува во Република Македонија е што учениците или не се вклучени воопшто или се многу малку вклучени во одлучувањето. Не треба до крајна инстанца да им се даваат овластувања  да одлучуваат но сепак треба да им се даваат шанси. Јас сум за онаа институционална борба. Соберете се како паралелка. Обратете се до директорот преку одредено писмо со работите кои ве засегаат. Во крајно ниво може да се обратите до општината, односно локалната самоуправа на чија територија е вашето училиште. Крајната инстанца, која кај нас се случува или премалку или поради погрешните причини е определен протест. Доколку сметате дека одредени активности се неправедни, може да ја бојкотрате наставата. Тоа треба да биде координирано, организирано и најавено, но да биде од вистински причини и со вистинска цел.

Александра Филипова