Интервју со Томаж Грегорц, организаторот на граѓанските протести во Словенија

Студентското списание „Излез“ објави интервју со Томаж Грегорц,  еден од организаторите на последните протести во Марибор, Словенија, по кои оставки дадоа градоначалникот на Марибор и премиерот на државата. Тој говори за случувањата во својата земја, за протестите кои донесоа системски промени, за самоорганизирањето на граѓаните, како и за јавните собранија кои тие ги направија реалност. Во исто време, Грегорц се осврнува и на студентското организирање во Словенија, на затворањето на познатиот љубљански клуб К4 и на учеството на младите во важните политички процеси.

На 2 ноември 2012 година, граѓаните на Марибор за првпат спонтано излегоа на протест на главниот плоштад. Со ова започна бранот протести низ цела Словенија. Кажете ни, што се случуваше во целиот тој период?

Во првите два наврата се случија мирни протести со стотина луѓе, но веќе на 26 ноември, на главниот плоштад се појавија 10000 луѓе. Во тој момент, ситуацијата почна да ескалира: се случи судир помеѓу полицијата и масата демонстранти. Демографската структура на луѓето кои учествуваа во протестот беше прилично разновидна: од семејства со мали деца, до постари луѓе во своите доцни шеесетти. Полицијата, секако, не бираше по кого ќе удри: фрлаше солзавец; целиот град беше преплавен со полициски единици, а дури имаа ангажирано и хеликоптери. Полицијата покажа максимална бруталност. Тоа се случи и наредните неколку пати кога се собраа 20000 луѓе на главниот плоштад. Откога се случи тоа, а беше навистина страшно, почнавме да размислуваме за тоа што да промениме во начинот на протестирање. Сакавме да ја искористиме енергијата на целата маса на луѓе што доаѓаа на протестите.

Решивме да направиме мирен протест. Организиравме поворка која одеше на важни локации во градот. Прво бевме до затворот во Марибор, поради тоа што претходните денови на протестот во затворот беа задржани триесетина лица, од кои повеќето имаа по 18 или по 19 години. Апсурдот беше во тоа што овие луѓе беа уапсени на вториот и на третиот  собир, пуштени по 48 часа, а потоа повторно уапсени, со цел да бидат спречени да се појават на следните протести. Наредни дестинации беа училишта, банки, болници, како и универзитетот. Ги поканивме женскиот хор „Комбинатке“, препознатлив по тоа што пее стари партизански, но и латиноамерикански револуционерни песни. Сакавме да излеземе вистински на сите улици, а не да бидеме фокусирани само на главниот плоштад. Тој ден дојдоа припадници и на специјалната полиција на Словенија, зашто се очекуваше повторно да има немири. Жива среќа што не се случи тоа!

Поминаа неколку месеци од последниот протест. Што потоа?

По протестите се случи „фотошоп-промена“: градоначалникот на Марибор, како и Јанез Јанша, премиерот на Словенија, си поднесоа оставка. Она на што почнавме да работиме за внесување вистинска промена е иницијативата „Меsni zbor“, движење за самоорганизирање на граѓаните. Засега, имаме организирано јавни собранија во четири општини во Марибор, каде што луѓето доаѓаат и активно дискутираат за локалните проблеми. На секој собир доаѓаат помеѓу педесет и седумдесет луѓе, што за земја како Словенија, и особено за град како Марибор, е доста солидно. Следен чекор е преземање акции на теренот: имаме надеж и ентузијазам дека доаѓаат подобри времиња за нашиот народ.

За што најчесто се дискутира на вашите собири? Со какви проблеми се соочуваат граѓаните на Марибор?

Додека траеја протестите, нашите барања беа многу јасни. Впрочем, тоа се универзални барања: сите корумпирани политичари да бидат тргнати од позициите; да се подобри економската ситуација во нашата земја, па дури и да се врати моќта на луѓето преку менување на сите политички фигури. Сепак, кога почнавме да дискутираме со луѓето на собранијата, тие ги изложуваа своите микропроблеми како што се: немање паркинг место или пешачки премин пред зградата во која живеат. Мислам дека е до перцепцијата на луѓето, кога ќе го слушнат називот „општинско собрание“, да мислат дека тоа е простор за изложување на личните проблеми во местото на живеење, а не да размислуваат за „големите“ проблеми, кои генерално ги засегнуваат сите. Токму ова, второво, беше нашата идеја. Како и да е, учиме едни од други, па правиме компромис: секоја идеја, секое барање, секој проблем е запишан, но ние се обидуваме понекогаш и да им ја прикажеме големата слика. Многу често ги потсетуваме дека пред само два месеца 20000 луѓе излегоа на улиците со многу повисоки цели од немање паркинг место. Сепак, дури и кога се работи за малите проблеми, настојуваме да организираме мала група луѓе, која ќе се занимава со решавање на проблемот во најбрз можен рок, вклучително и преземање акции на теренот.

Целото интервју може да го прочитате на веб-страницата на „Излез“.