Интервју со „The Local Blue“: Експериментираме со музика и со вселенски концепти

Самата музика не’ тера да одиме натаму, нагоре, накај ѕвездите. По природа сме љубопитни. За мистерии, неодговорени прашања во животот, велат од „The Local Blue“ во интервјуто на радио-емисијата PsyFreq на Радио МОФ.

Инструменталното психоделично рок трио „The Local Blue“ вечер (18 јануари) на полноќ во МКЦ ќе го промовираат својот втор албум „2nd Landing“. Ако сакаме да ги ставиме во некоја рамка, може да кажеме дека свират спејс рок, краутрок, стонер рок, експериментален рок, музика за катапултирање во вселената. Сепак, нивниот звук не може да се категоризира низ секојдневните вибрации и жанрови. Напротив, велат тие, динамиката и текстурата во звукот на „The Local Blue“ претставува цврста основа за креирање недекојдневни и уникатни звуци кои се филтрираат преку кохезивноста на инструменталистите.

За нивната музика, новиот албум и свирката во МКЦ зборувавме со гитаристот Кристијан Савиќ и басистот Панде Ефтимов.

Дечки најпрво, за оние што паднале од Марс и можеби не ве знаат – кои се „The Local Blue“. Од каде оваа тричлена инструментална спојка?  

Кристијан: Ние сме ентузијасти за музика, од Скопје. Животот не’ спои за да твориме заедно. Свирам гитара од седмо одделение и отсекогаш сум сакал авторска музика, не сум поднесувал кавери. Барав луѓе баш за тоа. Прво го најдов Кристијан Новковски – тапанарот, а потоа со Панде се запознавме преку музика, претходно не се ни знаевме како луѓе. Се запознавме на проба. И, се случи таа хемија додека свиревме.

Свирите инструментална музика, без вокал… Сте размислувале за вокал? Или можеби, вокал само ќе го наруши она што сега го има „The Local Blue?

Кристијан: Сме размислувале за вокал, но не излегол (во пресрет н.з) некој. Не знам дали во Скопјево има премалку луѓе што се занимаваат со музика, или ние не ги наоѓаме. Сме пробале, ама сме немале среќа со вокали.

Панде: Плус, не им веруваме на вокали! :) Може вокал, ама да биде нешто неконвенционално, нешто различно, алтернативно. Досега сме немале прилика да се сретнеме со таков човек.

Кристијан: Размислуваме сега за проширување на бендот. Некој сајзер дали би влетал, или некој таков звук. Секогаш сме отворени и за уште луѓе во бендот, само што, досега сме тројца.

Веројатно некој звук што ќе даде нова димензија. Бидејќи, сепак, вашата музика како еволуира, станува повеќеслоевита…

Кристијан: Да, скроз. Ова ќе „избие“ од тоа… Така да, за третиот албум веројатно ќе најдеме некој човек.

Панде: На крајот на денот, ние сме експериментални, скроз. Нема ништо повеќе од експерименти, изнаоѓање бендови, музики, форми, се’ околу (нас).. Експериментирање!

Кога зборуваме за проби, за експериментирање, каде свирите? Постојат многу бендови на кои ова е основен, прв проблем. Бараат гаража, некакво место, бидејќи мора да има физички простор за да свират, за да „излегува“ музика од нив…?

Кристијан: Имаме среќа, во моментов свириме кај Ивица – Штраф во студио „Алшар“. Условите се фантастични, подобри од било кој простор што досега сме го имале. Така да, горе-доле, ги немаме веќе тие проблеми за простор.

Панде: Иако долго, дооолг период баравме гаража, простор каде би свиреле, па јавување по телефони… Ама на крајот на денот, добивме „лотарија“ и сега свириме во студио.

Околу свирењето, знам дека снимавте материјал во култното радио Канал 103. Свиревте и на други места, промовиравте звукот во МКЦ. Но, свиревте во клубови и под друго име, во проширен состав како Beam experiment?

Кристијан: Тоj проект не е завршен. Ќе имаме уште свирки. Настап на 24 јануари, пред „New Candys“. Значи, „Beam experiment“ е триото „The Local Blue“ плус терамин, и плус уште една гитара. Тоа се нашите пријатели од Струмица – Ставро и Кети. Малку е поинаков звук од „The Local Blue“, со повеќе краут елементи. Некои поконстантни линии. Тераминот си го дава своето, скроз! И, прави уникатен звук.

Како реагираат медиумите на вашата музика? Бидејќи освен гаражни, клубски и свирки во културни домови, медиумите се потребни за да го однесат вашиот звук до аудиториумот, до „гладните“ уши?

Кристијан: Освен ретки исклучоци, нема многу фидбек од медиумите. Не се заинтересирани за ваков вид на музика. Не знам што е причината. Освен во МТВ, каде бевме на некоја топ 10 листа, ја пуштија „Тhe Mook“, па во емисијата PsyFreq (на Радио МОФ), исто така и во Стотројка. Ама, на раце се бројат медиумите што не’ пуштаат во етер.

Решивте албумот да го пуштате сингл по сингл, тема по тема. Тоа ли е денешниот начин за промоција на музика, бидејќи медиумскиот простор е проширен со „Јутјуб“, „Спотифај“, „Бендкемп“… Кои се начините да допрете до слушателите? 

Панде: Секогаш помага (кога музиката оди) онлајн. Живееме во онлајн доба. Се’ е покриено преку интернет. Сите работи што се поврзани со промоција, дали е тоа музика, се’ е преку интернет. Така да, моментално најадекватно е „Јутјуб“, „Бендкемп“, исто така „Фејсбук“ и „Инстаграм“ страна. Ништо не „пали“ повеќе во моментов отколку „Инстаграм“.

Кристијан: На социјалните медиуми дури треба да бидеш досаден за да влезеш во очи.

Новиот албум „2nd Landing“ е повторно објавен на „PMG Recordings“, еден од нашите најплодни лабели кој досега под закрила собра имиња како „Бернејс Пропаганда“, „Conquering Lion, „Мугер Фугер“, „Фонија“, „Милко“, Сашко Костов, „The Јohn“, Мухамед Ибраими, „Bei the Fish, Fighting Windmills, Александар Пејовски, „Sethstat, „PMG Collective“ итн. Значи, во оваа богата македонска алтернативна културна сцена се вбројувате и вие. Што се случи? Уште кога пројде првиот албум се договоривте и второво парче да оди на овој лабел?

Панде: Тоа беше скроз природно. Се знаеше дека ќе биде овој лабел. Реално, на кој друг да дадеме да ни издаде албум освен „PMG Recordings“? Кој лабел би се замарал да издаде психоделична музика?

Кристијан: Да. После првиот албум немавме многу контакт со Мирко и „PMG“, ама кога го снимивме вториот, беше јасно каде ќе објавиме. За снимањето, пристапот ни беше ист. Одиме во студио со неколку спремни траки, па се случуваат доста импровизации. Снимен е во два дена. Со тоа што, вториов „2nd Landing“ ќе биде малку подобар во продукциска смисла. Ивица Јанкуловски ни го работеше микс и мастерот. Ќе звучи неколку нивоа подобар од првиот албум.

Панде: Не неколку, туку цела галаксија подобар од стариот.

Првиот сингл од албумот беше „The Mook“. Спотот е со вонземјанин кој талка наоколу, прави некои работи низ време и простор, љубопитен е за човековиот вид. Според официјалното инфо, „’Mook бара одговори за музиката и се’ што доаѓа паралелно со неа во нашиот Универзум, па ја пронаоѓа планетата Земја’. Интересно е што вонземјанинот Моок во спотот носеше маска и одело. Кој од вас беше Моок?

Панде: Сите (тројца) го пресоблекувавме и облекувавме оделото. :) Спотот беше тотална импровизизација. Рековме, ќе одиме, ќе видиме што ќе направиме. Може ќе излезе ОК, може нема да биде ОК, ама ајде ќе пробаме. Вујко од Струмица е најзаслужен за спотот.

Кристијан: Тоа беа локации што ги најдовме околу Водно. Се’ снимено во еден ден.

Идеолошка, идејна поткрепа на вашата музика често се тематики од вселената, или како во синглот „Karpustin Yar, за тајна воена база каде некои веруваат дека, меѓу другото, имало и истражувања за вонземјани.  Од каде оваа поврзаност и импресионираност на „The Local Blue со мистериозното и со спејс тематиките?

Кристијан: Самата музика не’ тера да одиме натаму, нагоре, накај ѕвездите. По природа сме љубопитни. За мистерии, неодговорени прашања во животот. Тотално не’ привлекуваат такви тематики. Така да, тоа се „залепи“. Песните не’ инспирираат за настани, вонземјани, вселенски бази. И самото име на албумот е „2nd Landing“. Второ слетување на Месечината. И второ слетување на „The Local Blue“ со албум.

Панде: Плус, доста читаме за вакви работи. Се’ што не’ поврзува со музиката и некои вселенски концепти. Плус, имаме додавано и семплови од космонаути. Пример, од Алан Вотс.

Кристијан: Да, Алан Вотс може да се каже дека е космонаут :) Плус, од Јури Гарарин, од „Аполо 11“ мисијата…

2nd Landing“ ќе биде промовиран на 18 јануари на роденденот на уметноста во МКЦ, кој традиционално се одбележува со целовечерна културна програма. Вие свирите на полноќ во денсинг салата. Што може да очекуваат посетителите?

Кристијан: Пред се’, може да очекуваат прекрасен помин! Ќе има многу случувања! Ќе пробаме да ја збогатиме вечерта со нашиот албум. Сите што не’ знаат, знаат дека кога свириме во живо – даваме се’ од себе! Ќе се продава албумот, ќе има маички, ќе се забавуваме. После оваа промоција, секеко, доаѓаат свирки. Но, немаме точен план. Во брзо време се враќаме во студио, да не губиме време за трет албум. Продолжуваме и да експериментираме и со звукот, не знаеме каде е иднината на бендот. Се надеваме нешто интересно и сонично.

Панде: Како и да е, идејата после ова е да го промовираме албумот. Да прошетаме, настапуваме, да не’ слушнат луѓето. Низ разни локали низ Македонија, а ако даде вселената – и во странство.

 

Бојан Шашевски