[Интервју] Шенај Скендероска, „GMO Free Macedonia“

Во пресрет на 25 мај и светскиот „Марш против „Монсанто““, кој за првпат ќе биде одбележан со протест и во Македонија, Радио МОФ разговараше со Шенај Скендероска, член на иницијативата „GMO Free Macedonia“.

Радио МОФ:  Македонија оваа година првпат се приклучува кон оваа акција против генетски модифицираните организми (ГМО). Од  каде идејата за ваквата иницијатива?

Скендероска: Акцијата  е продолжение  на светската иницијатива која традиционално секоја година го одбележува 25 мај. Бидејќи во Македонија многу малку се знае за ГМО, решивме да ја продолжиме светската кампања.

Радио МОФ: Што всушност значи ГМО и кое се негативните влијанија врз човечкиот организам?

Скендероска: ГМО означува генетски модифицирани организми – тоа всушност се организми на кои генетскиот материјал им е изменет со помош на генетскиот инжинеринг, ин витро ( во лабораторија). Човечкиот организам не е во состојба да го препознае новиот генетски код кој е вештачки изменет и тоа доведува до разни заболувања: канцерогени, генетски пореметувања, зголемена телесна маса, алергии, автоимуни заболувања и многу други.

Радио МОФ: Кои се целите на GMO Free Macedonia?

Скендероска: GMO Free Macedonia има цел да го едуцира населението за ГМО и за последиците од тоа. Во наредниов период ќе се организираат повеќе едукативни настани на различни локации во Македонија. Планираме да организираме и средби и состаноци со земјоделците за да ги видиме нивните познавања за ГМО храната, како и да ги едуцираме и поттикнеме да ги заштитат автохтоните (локалните) семиња, со цел да ја направиме Македонија земја која нема ГМО ( GMO Free Zone ).

Радио МОФ: Колку во Македонија граѓаните се запознаени со последиците од ГМО и какви регулативи државата има донесено во оваа насока?

Скендероска: Над 90% од населението нема никакви познавања најпрвин за тоа што е ГМО, а за последиците не се ни свесни. Затоа и се организира овој настан, и нема да биде во вид на протестен марш (како што се организира во повеќето градови во светот) туку ќе биде настан од едукативно-информативен карактер.

Во РМ е донесен закон за ГМО во 2008 год. Според тој закон, се забранува ГМО во Македонија. Но постојат некои делови во законот во кои се вели дека доколку се побара одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство, може да се одобри ГМО под услов да не ја загрозува безбедноста. Што тоа малку звучи чудно, затоа што ГМО не можат да бифат безбедни. Потребно  е да се направи измени во законот по теркот на европските закони кои ја регулираат оваа проблематика.

Радио МОФ: Акцијата која тече на Фејсбук секојдневно се надополнува со голем број на поддржувачи од цела Македонија, а централниот настан ќе се одржи во Скопје. Може ли да ни објасните повеќе детали околку акцијата на 25 мај?

Скендероска: Ќе напоменам уште еднаш дека овој настан е поддршка на Маршот против Монсанто, кој се организира во светски рамки. Но, настанот кој ќе се одржи на 25 мај,  на влезот на Старата чаршија во Скопје (кај стоковната куќа Мост) ќе биде од информативен и едукативен карактер со тема: „Стоп за ГМО со уметност“. Настанот ќе биде целодневен – од 11 до 17 часот, ќе има поставено штандови на кои луѓето ќе може да се информираат за ГМО и последиците од ГМО. Исто така, настанот има и уметнички карактер – присутните ќе можат да го искажат своето мислење против ГМО храна со цртежи, фотографии, пораки…

Бобан Костадиновски