[Интервју] Со „Радикално образование“ излегуваме од нормативите на системското образование

Недостигот на дебата за актуелните уметнички случувања, или воопшто недостигот од случувања е мотивот поради кој Музејот на современа уметност во Скопје од неодамна започна со програмата насловена „Радикално образование“. Нејзина цел ќе биде преку разни активности да ја врати улогата на Музејот како место на размена на мислења, но и место за учење. Kреатори на програмата се Кумјана Новакова и Тихомир Топузовски.

„Начините на застапување за одредени теми, и начините на кои истражувањата и се пренесуваат и претставуваат на јавноста, се од витално значење“, смета Новакова.

Кумјана Новакова

„На тој начин музејот, и другите јавни простори си ја враќаат улогата на места на размена на мислење, и места на учење“, вели таа.

Музејот досега одржа две работилници со странски предавачи кои преку уметноста ги прикажуваат општествените проблеми.

Меѓудругото, програмата ќе се фoкусира на теми како што се поврзаноста на уметноста, политиката и критичката теорија, при што ќе се истражуваат концептуалните и креативни начини преку кои современите уметнички пракси, тековните политички динамики и критички дискурси и теорија се меѓусебно поврзани, појаснува Топузовски.

„Една од улогите на Музејот, и тука не мислиме само на МСУ, туку општо, е неговата улога во иницирање на нови теоретски и емпириски анализи, примарно со цел да се артикулираат граѓанските потреби овде и сега. Следствено, адресирајќи ги токму новите предизвици и потреби, тимот на интердисциплинарната програма на МСУ го разви концептот на програмата Радикално образование – програма која излегува од нормативите на системското образование, а со цел да му се приближи на субјектот на учење“, смета тој.

Тихомир Топузовски

Целта е да се излезе од строго дисциплинарните контексти. Дополнително, „Радикално образование“ ќе креира и нови дискурси во теориските, академските, но и уметничките пракси, вели Топузовски.

Тоа ќе го обезбеди преку отворени предавања, семинари, учења и соработки во сферата на современата уметност.

„Радикално образование ќе генерира серија на активности кои ги промислуваат и одразуваат условите, медиумите и инструментите на современата уметност и културната продукција, истовремено ангажирајќи се околу разбирањето на нејзините релации со различни научни дисциплини и општеството во целина“, најави Новакова.

Следно во рамки на „Радикално образование“ е гостувањето на двајца членови на групата Forensic Architecture, кои ќе одржат јавно предавање и работилница во Музејот на современата уметност – Скопје.

Нивната програма Unearthing State Violence преку презентацијата на неколку случаи на кои групата има работено, ќе ја дискутираат одговорноста на државата во случаи на насилство и кршење на човековите права.

„Материјалот кој се генерира за време на работата на секој еден случај, станува јавен, и како таков се претставува во јавните простори – музеи, галерии, но и урбани јавни простори. Информацијата која и се открива на јавноста преку презентацијата на случаите е нова и секако не соочува со личната одговорност во заштитата од структурното насилство“, образложува Новакова.

За крај, Топузовски и Новакова се надеваат дека нивната програма ќе отвори дијалог за сериозни општествени прашања.

„Недостатокот од артикулирана рефлексија во однос на локалните уметничките пракси, или рефлаксија во однос на нивните релации со јавното овозможуваат експанзија на продукција која нема никаков однос кон општественото, но и обратно. Програми кои ќе интензивираат промислување на континуитетот или дисконтинуитетот во уметничките пракси, и кои ќе отворат дијалог околу нивниот однос кон различните јавни прашања и општествени динамики, ќе овозможат и создавање на потребни услови за нови уметнички и теоретски продукции кои имаат активен однос кон времето и просторот во кој се создадени“, заклучува Новакова.

Емилија Петреска