Интервју со Давид и Сашо, водителите на новата емисија „Американски спортски центар“

„Американски спортски центар“ е нова емисија на Радио МОФ за најновите случувања во американската кошарка и американскиот фудбал, за НБА и НФЛ лигите. Давид работи во ИТ секторот, Сашо набрзо треба да дипломира на Факултетот за бизнис и економија, а заедно се водители на емисијата која се емитува онлајн, секој четврток, од 20:30 до 21:30 часот. Им поставивме неколку прашања за емисијата, спортот и за ривалството.

Зошто ја почнавте оваа радио емисија и колку недостигаше ваква емисија на македонски јазик?

Давид: Вакво нешто немаше во Македонија и токму тоа не поттикна да ја направиме емисијата. Јас и Саше скоро цел живот си пратиме НБА и НФЛ, но и останатите американски спортски лиги. Си правевме муабет меѓу себе со Сашо, а Пецо и Давид (техничари од Радио МОФ) слушаа и ни рекоа – Зошто не си напраите емисија? Почнавме како пилот – сезона да видиме како ќе се прифати. Досега е одлично и искрено се надевам дека ќе отиде и на нешто поголемо и послушано, иако малку се луѓето кои пратат… За НБА, на пример, пратат кошарка, но за американски фудбал… мала е заедницата што го следи. Целта ни е да допреме до тие што не слушнале, не виделе и да ја пренесеме нашата љубов кон спортот.

Какви беа почетоците?

Сашо: Емисијата постои три недела, нова е (се смее). Почетоците се чудни затоа што никогаш не сме снимале , никогаш не сме го правеле ова досега. Првпат ни е, ама досега ни оди добро, флуидно и немаме некои проблеми. Си функционира одлично!

Кој тим ќе биде подобар во НБА, а кој во НФЛ лигата во 2020? 

Давид: Добро е што ме праша мене, бидејќи јас и Саше имаме различно мислење околу тоа. Според мене во НБА лигата најдобри оваа сезона ќе бидат Лос Анџелес Клиперс.

Саше: Во НБА се сто посто Лејкерс, во НФЛ, Њу Ингланд Патриотс.

Натпреварите се играат после полноќ бидејќи сме во  различни  временски зони. Дали натпреварите ги следите во живо? Како влијае тоа врз вас и вашите секојдневни обврски?

Давид: НБА е малку потешко да се следи, се игра секоја вечер, но ете некогаш можам да ги гледам тие од 12, во 1 што почнуваат и нели тогаш завршуваат до кај 2. Нормално и пред да ја снимам емисијата сум ги следел така што сега имаме и причина плус, едноставно навикнат сум. НФЛ обично се игра за викенд, почнуваат од 7 до 10 и последниот натпревар е вечер од 1, така што во недела на пример и двајцата имаме целодневна активност да ги изгледаме сите натпревари. Ако јас не можам он (Сашо) е тука ги гледа. Јас ги гледам преку ден, он ги гледа навечер и обратно. Иако не ги гледаме натпреварите другиот ден од сабајле прва обрвска ми е да ги изгледам сите „хајлајци“, резултатите, статистики од тој натпревар.

Дали помеѓу вас постои ривалство или навивате за ист тим?

Давид: Постои ривалство.

Саше: Постои ривалство, главните, кој ќе освои, кој ќе биде МВП… постои ривалство. За некои екипи се согласуваме затоа што нема простор за спорови, но во принцип постои ривалство.

Давид: Сепак, знаеме да си признаеме доколку неговиот тим бил подобар, но сега за сега, мојот е подобар (се смее).

Кои се најдобрите играчи според вас во моментот и во НБА и во НФЛ лигата ?

Давид: Најдобар играч во НБА 2020 година ќе бидат Каваи Леонард и Леброн Џејмс, Јокиќ, Дончиќ, Хауард… Во НФЛ мислам дека „фронт-ранер“ за МВП е Ламар Џексон, Расел Вилсон, Патрик Махоумс, Ерон Роџерс, Тајрик Хил, Том Брејди. Тешко е да се каже најдобар играч затоа што секоја екипа има по 50 играчи така да многу е тешко да се издвои, секој играч посебно мора да се оценува.

Како се најдовте вие двајца?

Сашо: Он на една од мои најдобри другарки е дечко (се смее). Така се запознавме пред пет- шест години и од тогаш активно се дружиме. Така излезе и емисијата. Искрено пред да го запознаам не познавав некој друг што следи НФЛ и така почна се. Едноставно првите наши разговори беа за спорт и така веќе пет – шест години се знаеме и така ни продолжи разговорот.

Зошто треба да ја следат вашата радио емисија, зошто да ве слушаат?

Сашо: Да не слушаат доколку немаат време да ги следат сите случувања. Ние правиме како неделна рекапитулација, сумираме се во едно. И да ги имаат гледано, ние нудиме наше гледиште на настаните што мислиме дека се понтересни, едноставно доколку сакаат да слушнат друго мислење, нешто ново, нешто што го нема кај нас… да се запознаат со америчките лиги и спортови.

Давид: Зошто кај нас публиката е доста мала, затоа што не се запознаени. Покрај тоа што ги даваат на преноси, ги има натпреварите, помалку ги гледаат или не ги разбираат правилата на играта, да се запознаат со тоа.

A.С.