[Интервју] Сергеj Кљушин: Патување за време пандемија од Русија до Македонија без пари и планови

„Некои луѓе мислат дека се потребни пари за патување. Не! Треба да посакаш со целото срце. Почнав да патувам за да добијам самодоверба. Дека границите се само во умот, а не на географската мапа“, вели 32-годишниот Сергеj Кљушин, кој надвор од Русија патува веќе пет месеци, во непознати земји додека е прогласена пандемија.

Со Сергеj се сретнавме случајно пред ЗОО Скопје. Беше некаде еден часот по полноќ, викендот пред да фати полицискиот час. На него имаше рaнец, суканици и отворена насмевка. Одма се споивме и спријателивме. Дознав дека е млад патувач, ентузијаст, без конкретен план за следна дестинација.

По неколку денови дружба, седнавме да склопиме интервју. Да ми каже „натенане“ за себе и авантурите во Евроазија и Балканот. Како интуитивно пропатувал низ неколку странски држави, барајќи спонтани моменти, локална култура и пријателски провод.

Зборува прилично брзо, отсечно. Шета од мисла до мисла, од локација до локација. Се разбираме на англиски јазик, истовремено разменуваме и учиме по некој руски и македонски збор.

„Роден сум во северот на Русија, во малиот град Архангељск. На 16 години се преселив во Санкт-Петербург. Живеев таму 12 години. Работев како агент за недвижнини, имав пари, за викендите одев по барови… Водев вообичаен живот. Но, искрено, во тие моменти не бев среќен. Тоа го сфатив откако почнав со патувања, истовремено и со разни хобија, да се занимавам со уметност, јога, да учам будистичка философија… Го сменив животот, пријателите, моите навики“, раскажува Сергеj.

Се присетува дека „тригерот“ за патувачкиот живот му дошол изминативе три години. Меѓувремено се преселил во јужниот дел од Русија, во Крим, кој му годел убаво, за разлика од Санкт-Петербург кој го карактеризира како „депресивен град“.

Од Русија до плажите и планините во Турција

Стартувал со патувања примарно низ Русија. Ја поминал цела автостоп, за што му биле потребни две недели. Среќавал рандом луѓе и останувал со нив, но немал страв, двоумење, чисто отворен пристап. Потоа набавил билет во еден правец за Турција.

„Долгo сакав да патувам во странство. Почна короната, па си реков ‘или сега, или никогаш!’. Реков чао на мајка ми. Знаеше дека сум малку ‘луд’. Отидов без пари, без план. Чисто да видам што ќе се случи со мене. И, беше многу кул патување“, раскажува Сергеј низ смеа.

Уште на турскиот аеродром запознал двајца дечки од Украина. Му помогнале првите денови. Проблемот бил што никој друг не зборувал руски, а тој почнал да говори течно англиски само во последните пет месеци.

„Но, во Турција постои и друг проблем. Локалците не зборуваат англиски. Без тие дечки, не знам како ќе преживеев… Но, се сноаѓав“, вели Сергеј, кој снима и видеа на своите патувања.

За руски турист, објаснува тој, првата станица Анталија обично претставува море и хотел, полн пансион. Но, за него значело прекрасни планини. Така, вториот ден во Турција се разбудил во планина, со прекрасен поглед, а надвор не било студено. Напротив.

За Турција има само пофални зборови. Гостопримливи луѓе, пријателски расположени. Му нуделе престој. Два месеци живеел како во рајот, вели тој, иако наишол и на предизвици.

„Една недела живеев сам, имав само 3 евра во џебот. Но, за една недела во Турција ми беа доволни. Живеев и во шатор, близу морето. Тоа беше крајот на октомври, така што, наоколу наоѓав и јадев бесплатни и здрави овошки“, раскажува Сергеј.

Се присетува и за престојот во сиромашен регион во Истанбул. Само 200 метри од главната улица, „како пост-апокалиптичен Санкт-Петербург“. Зградите биле слични, но без прозори. Некои луѓе не носеле маски, излезени постојано надвор, во време на карантин.

„Луѓе без маски, а деца без чевли. Сиромашен дел, истовремено пријатни кон мене и насмеани. Се чувствував безбедно. Пешачев со ранецот, кога една ноќ ми пријде човек, покажувајќи ми слики од хостели. Зборуваше на турски јазик, па првите 10 минути не можев да го разберам. Ме однесе кај него. Живеев во мала скромна соба четири дена, бесплатно. Мојот комшија беше спортист, боксер, истовремено мислам дека патеше од некакви ‘халуцинации’. Дури и со него се чувствував безбедно“, тврди Сергеј.

За полициските патроли, пак, раскажува дека го стопирале неколку пати. Секогаш имал „некоја смешна случка“. Го стопирале за документи, некогаш и да го прашаат дали му треба помош.

„За мене, како Русин, чудно е полицаец да понуди насоки, помош, или некогаш и пари ако ми се нужни. Тоа е лудо! Воведен беше строг закон за маски, сепак, полицајци ги вадеа за да се фотографираме заедно“, вели тој.

„Мигрант“ меѓу мигранти во Босна, „ноќна птица“ во Србија

Во Турција можел да престојува само два месеци, да излезе од земјата, за да може да се врати. Дознал дека најевтиниот билет е за Босна, Сараево.

„Сепак, на Балканот сум последните три месеци. Останав. Заглавив во Босна додека надвор вееше снег. Можеби очекував разни проблеми во Босна, но не очекував еден проблем – со мојата кафеава кожа да ме перцепираат како мигрант. Никој не ми веруваше дека сум Русин, дека сум патувач-турист“, вели Сергеј.

Тамошното искуство го карактеризира како „интересно“. Живеел со мигранти од Мороко. Тоа биле добри дечки, госпопримливи, вели тој, нудејќи му допир со други култури.

„Во Босна има многу мигранти што пробуваат да стигнат во Хрватска. Во Србија и Македонија не гледате мигранти, но во Босна се стотици. Пробав да најдам евтин хостел, а насекаде беа мигранти. Си реков – ОК. Обично беа млади луѓе меѓу 20-30 години. Моите пријатели се изненадени од моите ‘луди патувања’. Но, вистинските ‘патувачи’ се мигрантите, бидејќи минуваат граници без документи, без пари, на нелегален и ризичен начин“, забележува Сергеј.

За себе, тврди дека немал проблеми на границите, единствено поради суканиците темелно му буричкале низ облеката. Сепак, признава дека е тешко време за патување, за да одбере земји каде би влегол без ПЦР-тест, бидејќи некаде е скап, но и за да најде земји без потребна виза.

„Еден месец престојував и во Србија, во Белград. Бев дел од ноќниот живот. Живеев во центарот и сретнав многу ликови од евент индустријата, менаџери на барови… Се дружевме. Изненаден бев дека атмосферата е како во Санкт-Петербург. Белград е помал, можеби 5 пати, но дури ‘погласен’ од Санкт-Петербург“, вели Русинот.

Конечно во Македонија… по грешка во Струга

Со изглед како мигрант, на Балканот немал успех во автостоп. Со последните пари купил билет за главниот град на Македонија – Скопје. Сепак, заспал и се разбудил по грешка во Струга. Испаничил, бидејќи не било вистинското место. Но, тогаш почнал да разгледува и останал со подотворена уста.

„Бев вчудоневиден од убавината. Си реков ‘Вау!’. Почнав да снимам многу видеа. Секое следно место беше поубаво од претходното. Па, се раѓаа нови и нови видеа. Прекрасно езеро, река, планини… Многу кул место! Сите ми велеа ‘здраво’. Човек на 70-годишна возраст, прилично енергичен, зборуваше и руски јазик. Дознав дека живеел 9 месеци во Белорусија. Рече ‘ајде, да пиеме кафе’. Беше моето прво македонско кафе“, вели Сергеј.

Во Струга останал три денови. Пробувал да преноќи во џамија, но безуспешно. Затоа се упатил кон домови со гостински соби. Наместо една, останал две вечери, бидејќи не можел да престане да спие. Наутро, вели тој, се будел со поглед кон езерото. Успеал потоа да најде и пари за пат до Скопје.

„Тоа беше убаво искуство. Бидејќи, причината поради која патувам е да пронајдам нови луѓе кои размислуваат различно од она што размислував претходно (во Русија). И, обично, луѓе со поголемо искуство од мене. Ако бидат добри – ќе останам подолго. Ако нешто не ми се допаѓа – ќе пробам друго место. Во Македонија запознав прекрасни луѓе“, вели тој.

Тука е веќе две недели. Скоро цело време во Скопје, прошетал и до Матка, центарот, бил и во Градскиот парк. Изненаден е што прилично доста млади луѓе се собираат во паркот, седат, уживаат надвор. Не забележал такво нешто на претхоните патувања.

„Скопје е главен град, видов многу млади, разни култури, многу андерграунд култура што ми се допаѓа“, потенцира Сергеј.

Не е фан на вообичаениот туристички начин на шетање преку хотели или музеи, за кои требаат и многу пари. Туку да ја почувствува улицата, страста на луѓето. Затоа помош при патувањето има преку „Couchsurfing“, една од алатките на модерните патувачи. 

„Тоа е меѓународна заедница на патувачи. Постои апликација, па кога одиш во нова земја или град, добиваш информации. Дали некои локалци сакаат да се дружат, да те прошетаат наоколу, или да ти бидат домаќини. Преку неа, добиваш претстава како живее локалната заедница. ‘Couchsurfing’ е културна размена“, објаснува Сергеј.

Сега е време на корона и многумина се исплашени да примат странци, но при патувањата наоѓа и отворени луѓе. Да му понудат за престој, да му покажат како живеат. Се чувствува одлично.

„Исто како во своја земја, но и подобро, бидејќи во Русија луѓето знаат да бидат студени. Патував три години и меѓувреме само два пати понудија место за спиење. Искуството со патувањата е дека гледам луѓе различни, но – и исти. Мојата порака е: Се’ што ви треба е љубов и еб*н мир. Тоа е вистината“, констатира Сергеј.

Бојан Шашевски
Фото: Сергеј Кљушин